„Учебници и настава мора да има“ повторно собираат потписи за референдум против образовните реформи

Фото: Kampus Production @Pexels

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска повторно започнаа да собираат потписи за референдум за образовните реформи. Претходната апликација им беше одбиена бидејќи апликацијата била неуредна и поднесена на начин што не го предвидува законот.

Од иницијативата очекуваат да соберат најмалку 100 потписи за да испратат ново барање до Собранието на РСМ. Доколку ги соберат овие потписи, по што иницијативата би поминала во парламентот, во следната фаза во сите подрачни единици на Државната изборна комисија низ земјава од иницијативата ќе треба да соберат минимум 10.000 потписи за одржување на референдумот.

Тие закажаа за утрешниот ден и протести низ целата земја против образовните реформи. Од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ како причина за организирање на референдум го посочуваат предложениот Закон за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Покрај тоа што се против воведувањето дигитални учебници во наставата, тие бараат да не се спојуваат повеќе предмети во еден и да нема воведување на родово базирано образование во основните училишта.

Од Министерството за образование и наука (МОН) во денешното соопштение велат дека правото на покренување на иницијатива за референдум е легитимно, затоа што е уставно загарантирано. Сепак, тие тврдат дека причината е неоправдана и сметаат дека апсурно е да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието. Од Министерството повторуваат дека сите оние кои сакаат да придонесат за унапредување на законското решение, можат да го сторат тоа преку повеќе канали за непосредна комуникација со МОН.

„Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците“, се вели во соопштението на МОН.