Учебната година заврши надвор од училишните клупи поради пандемијата со ковид-19

Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Денеска формално заврши учебната година за основците и средношколците, овој пат во вонредни услови и надвор од училишните клупи. Пандемијата со корона вирусот ги затвори училиштата на 11 март, а оттогаш па наваму образовниот процес се одвиваше онлајн.

По повод крајот на учебната 2019/2020 година, министерот за образование и наука, Арбер Адеми им честиташе на учениците за постигнатиот успех и стекнатото знаење, порачувајќи им да прочитаат книга или лектира за време на летниот одмор.

За да го олесни процесот, Владата воведе сет мерки, помеѓу кои и новата национална платформа за далечинско учење „Едуино“, имплементирана со помош на Британската амбасада – Скопје и канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава. Владата подоцна донесе и одлука наставата и оценувањето, исто така да се одвиваат електронски пат.

Второто полугодие заврши така што наставниците ги оценија учениците преку електронските алатки за комуникација, а на крајот од учебната година немаше доделување на сведителствата.

Со мерка на владата се укина државната, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна година. Со тоа средношколците ќе добијат валидни дипломи за завршено средно образование, кои ќе им важат и во странство.

И покрај вонредните услови, во тек е уписот на децата во прво одделение кој започна на први месецов и ќе трае до 30 јуни. Додека пак, првите уписни рокови за запишување во средно образование се предвидени за средината на месецов, односно на 16 и 17 јуни.

Засега неизвесно е како ќе се одвива учебната 2020/2021 година.