Ублажувањето на климатските промени е нашиот влог за подобра иднина на следните генерации

Климатските промени ги засегнуваат сите, а особено идните генерации на кои треба да им ја оставиме нашата планета. Заради тоа неопходно е денес, сите чинители, институциите, граѓанските организации и граѓаните да работат заедно за што повеќе да ги намалат последиците од нивното влијание, а климатските промени да се дел од политиките и активностите во сите сектори.

Ова се дел од темите на кои ќе се работи во текот на следните две недели во рамките на Националната конференција за клима на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ што го реализираат „Еко-свест“,  CNVP (Connecting Natural Values for People) и Движењето на екологистите на Македонија. Конференцијата беше отворена денеска, а на отворањето се обратија Штефен Худолин, раководител на секторот за операции при ЕУ Делегацијата и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.

Според Ана Чоловиќ- Лешоска, извршна директорка на „Еко-свест“, целта на проектот и на конференцијата е да се даде придонес за намалување на ефектите од климатските промени со спроведување на различни активности.

„Во текот на проектот, минатата година беше оформена Климатската коалиција, што е платформа на подигнување на капацитетите на граѓанските организации, како можност за размена на информации и заедничко делување на сите кои ќе работат на ова поле. Донесен е и акцискиот план, а утврдена е и визијата за делување во следните пет години“, посочи Чоловиќ- Лешоска.

Таа информираше дека значаен дел од проектот е и подигнувањето на свеста и мобилизирањето на граѓаните, а една од најзначајните активности што ќе остане да функционира и по завршувањето на проектот е еко мапата, алатка која овозможува пријавување на еколошки проблеми поврзани со климатските промени и интерактивна комуникација со институциите. Дел од проектот е и документарниот филм за праведна транзиција, на која, сметаат од „Еко свест“, во иднина треба да се стави голем акцент. Според Нехат Рамадани, директор на CNVP, човечките активности се главните причини за климатските промени и тоа значи дека првенствено секој од нас треба да ги преиспита своите дејствувања.

„На конференцијата ќе се зборува за визиите и целите за справување со промените во климата, за изработка на закон и стратегија за климатска акција и презентација на анализа за правни инструменти за климатска акција. Ќе се одржат и работилници за климатска акција, ќе се зборува и на темата за можностие за попаметно греење, како и за намалувањето на загадувањето на воздухот, водата и почвите. На 7 април ќе се одржи тркалезна маса на тема „Патот кон праведна транзиција“, а ќе се дискутира и на темата како да се прилагодиме кон климатските промени“, изјави Рамадани.

Како дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ беа спроведени обуки наменети за граѓанските организации од земјата активни во секторите животна средина, рурален развој, шумарство. Целта на обуките беше подигнување на капацитетите на граѓанските организации за поуспешно и поефикасно работење на организациите, меѓутоа и подигнување на капацитетите на организациите за разбирање на климатските промени и комуницирање на оваа проблематика со пошироката јавност. На првиот ден од конференцијата беа презентирани и проектите на „Зелената арка“, „Слоуфуд Водно“ и повеќе други организации, како и искуствата од проекти спроведени во Североисточниот, Вардарскиот и Пелагонискиот регион.