Чувар го загуби животот синоќа кога непознати лица пукале од огнено оружје кон седиштето на националната телевизија Топ Чанел во Тирана, пренесе Гласот на Америка на албански јазик.
Полицијата соопшти дека чуварот бил вработен во фирма за физичко обезбедување на објекти. Веднаш била формирана истражна група за расветлување на настанот, откривање и апсење на сторителите, но засега остануваат нејасни околностите, сторителите и можните мотиви за нападот.
Телевизијата Топ Чанел објави дека Пал Кола го загубил животот откако бил застрелан околу еден часот по полноќ. На автопатот во близина на градот Каваја, на околу 30 километри од местото на настанот, е пронајдено опожарено возило со украдени регистарски таблички за кое постои сомневање дека им припаѓа на сторителите.
Лидерите на институциите и политичките партии го осудија убиството, барајќи што поскоро негово расветлување.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај напиша дека органите на прогонот мора што поскоро да го расветлат „навистина тешкиот криминален настан“ каде животот го загуби чуварот Пал Кола и беше пукано во зградата на телевизијата Топ чанел.
Претседателката на Собранието, Линдита Никола истакна дека „нападот со оружје на националната ТВ Топ Чанел и убиството на еден од безбедносните лица е сериозен настан кој бара итна и професионална акција на органите на прогонот“.
Премиерот Еди Рама изјави дека „криминалната агресија врз Топ Чанел, што резултираше со загуба на животи на безбедносниот персонал, бара јасен одговор од органите на редот“.
Лидерот на опозициската Демократска партија, Енкелејд Алибеај изјави дека нападот со огнено оружје и убиството на чуварот на Топ чанел „е сериозен настан и кривично дело“, што тој остро го осуди.
„Синоќешниот напад е напад врз медиумите, врз слободата на говорот, но е и сериозен напад врз јавната безбедност во земјата“, нагласи г. Алибеај.
Европскиот центар за медиуми и медиумски слободи (ЕЦПМФ) најостро го осуди нападот со огнено оружје во просториите на Топ чанел, каде за жал беше жртва едно лице од обезбедувањето.
Преку порака на Твитер, ЕЦПМФ изразува сочувство до семејството на 60-годишниот Пал Кола и ги повика албанските власти да спроведат независни и професионални истраги.
„Шокирани сме откога дознавме дека имало огнено оружје во просториите на Топ Чанел во Албанија, каде што во објектот е убиен чувар. Изразуваме сочувство до семејството и ги повикуваме албанските власти да спроведат независни и професионални истраги“, пишува Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите.