Директорката на јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар Арта Асани и уште две лица денеска се лишени од слобода, информираат во Министерството за внатрешни работи (МВР). Ова следува откако денеска беше соопштено дека 3.100 лица побарале лекарска помош со симптоми на труење од водата во водоводот.
„Полициски службеници од полициската станица Гостивар во координација со Основното јавно обвинителство – Гостивар лишија од слобода три лица во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод. Лишени од слобода се А.А. од Здуње – в.д. директор на ЈП „Комуналец“ Гостивар, В.Д. од Форино шеф на „Водовод и канализација“ и Л.Н. од Вруток – технички директор на ЈП „Комуналец“ Гостивар. Надлежните институции продолжуваат да преземаат дејствија за прибирање докази во предистражна постапка“, наведено е во соопштението од МВР.

Директорката на јавното претпријатие Комуналец, Асани, во изјава за локалните медиуми пред неколку дена демантираше дека водата била проблемот, велејќи дека последните три анализи кои ги направиле во текот на овој месец, без да прецизира кога било тоа, покажале дека водата е безбедна за пиење и во согласност со законските правила и стандарди за вода за пиење.

Владата и Обвинителството ги кријат резултатите од анализата на водата во Гостивар