Кинеската полиција уапси 175 лица за кражба на уметнички и археолошки предмети. Министерството за јавна безбедност објави дека пронашло 1.168 археолошки предмети, во вредност од повеќе од 80 милиони долари.
Се верува дека предметите биле нелегално ископани во Ниуелијанг, неолитски локалитет во североисточната покраина Лиаонинг.
Министерството соопшти дека крадците предизвикале голема штета на локалитетот.
Меѓу пронајдените предмети има и извиткан змеј од жад, кој се смета за еден од најстарите прикази на митолошките суштества, јавува „Би-Би-Си“.
Според УНЕСКО, локалитетот Ниуелијанг, кој е постар од 5500 година, бил гробница и место за жртвување во доцниот период Хонгшан.
Државните медиуми објавија дека откривањето на украдените предмети е најголемата акција од овој вид од основањето на модерна Кина во 1949 година.