Во судир помеѓу полицијата и антивладините демонстранти на протестот на младите наречен „Будни цела ноќ“ во Париз, уапсени се 12 лица, соопшти полицијата.
Полицијата испукала солзавец за да ја растера групата од стотина луѓе, кои се обиделе да го пробијат полицискиот кордон околу плоштадот Република, каде демонстрантите веќе три недели одржуваат протести секоја ноќ.
Во нередите што се случиле нешто по полноќ, едно полициско возило било запалено, а 12 лица се уапсени поради нелегално собирање и фрлање проектили.
Во инцидентите нема повредени лица.
Протестот почна на 31 март поради најавените реформи на законот за работа, но во меѓувреме демонстрантите протестираат и поради низа други прашања, како мигрантската криза.