Претседателот на Европските олимписки комитети, Патрик Хики денеска бил уапсен во Рио де Женеиро поради илегална продажба на влезници за натпреварите од Олимпските игри, објави „Би-би-си“, повикувајќи се на пишувањата на медиумите во Бразил.

Седумдесет и едногодишниот Хики, според информации е осомничен дека илегално им доставувал влезници на други лица, кои потоа ги продавале по многу повисоки цени.

Апсењето на Хики, пренесува „Би-би-си“, се случува неколку дена, откако кај едно лице, биле откриени 800 нелегални влезници.

Според бразилската полиција, Хики, кој е претседател и на Олимпскиот комитет на Ирска, се обидел да побегне кога полицајците дошле да го уапсат.

Тој ја турнал својата олимписка пропусница под вратата, кога на неа тропнале полицајците, а потоа побегнал во соседната хотелска соба, во која претходно престојувал неговиот син.

По апсењето на Хики му се слошило поради што му била укажана медицинска помош.

Бразилските медиуми пренесуваат дека апсењето на Хики е можно да е поврзано со апсењето на Ирецот Џејмс Малон, дента кога беше одржана церемонијата на отврањето на Олимпските игри.

Малон е директор на компанијата „ТХГ Спротс“, која наводно илегално продавала влезници за натпреварите. Од компанијата ги отфрлиле ваквите наводи и демантирале дека ги прекршиле законите.

Од Олимпискиот комитет на Ирска соопштиле дека се свесни за медиумските извештаи за случајот со Хики и дека бараат целосно разјаснување на ситуацијата, пред да дадат било каков коментар.