Веднаш по лансирањето на World of Warcraft Classic на играчите им беше отежнат процесот на логирање во самата игра. Една од причините, покрај големиот интерес кај публиката, како што тогаш објаснија менаџерите на заедницата во „Близард“, биле DDoS нападите на серверите (Дистрибуирано одбивање на услуга – Distributed Denial of Service). Петнаесетина дена подоцна, од „Близард“ обелоденија дека еден осомничен за овие напади е веќе уапсен.
„Веднаш откако започнаа DDoS нападите тимот за безбедност на „Близард“ работеше деноноќно во соработка со локални и меѓународни институции за да го пронајде изворот“, напиша Kaivax во официјалниот форум. „Дознавме дека, во рок од неколку дена, надлежните успеаја успешно да го идентификуваат и уапсат осомничениот“, додава тој.
Од „Близард“ не потврдуваат дали станува збор за истата личност – извесен твитер акаунт со име UkDrillas – кој на 7 септември, кога започнаа првите проблеми со серверите твиташе предупредувања во времетраење од 30 минути пред да се случи друг бран на напади. Набргу потоа овој твитер профил беше избришан.
И во САД и во Европа, DDoS нападите се кривични дела за кои се добива затворска казна од неколку години. Велика Британија е особено сурова, со максимална казна од 10 години за вакво дело.