Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) воведе нова целосно дигитализирана универзитетска платформа, преку која студентите ќе можат онлајн да ги завршуваат најголем дел од административните обврски за време на студирањето.

Од новата академска година, преку платформата ќе биде можно електронско пријавување на предмети и испити, пристап до распоредот на предавања, следење на присуството, евиденција преку QR-код, како и комуникација со професорите и администрацијата. Студентите ќе имаат пристап и до своите оценки и академскиот транскрипт.

Од УАКС велат дека платформата е развиена според современи практики во високото образование, со цел да ги поедностави административните процеси, да ја подобри комуникацијата и да овозможи полесен пристап до студентските информации. Посочуваат и дека системот вклучува технологии за заштита на личните податоци и безбедност на информациите.

„Дигитализацијата за нас претставува инвестиција во поквалитетно искуство за студентите. Нашата цел е да им овозможиме побрзи, поедноставни и потранспарентни услуги, достапни во секое време и од кое било место“, велат од Универзитетот Американ Колеџ Скопје.