Твитер сега вреди помалку од половина од она што Маск го плати за компанијата

Во пораката до персоналот, Маск вели дека пред да се случат серијата тешки отпуштања, компанијата имала уште само четири месеци пред да остане без пари

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Твитер вреди помалку од половина од она што Илон Маск го плати за платформата пред шест месеци, според пресметките засновани на протечениот меморандум испратен од милијардерот до вработени во компанијата.

Според напишаното од Маск во меморандумот, платформата за социјални медиуми сега се проценува на помалку од 20 милијарди долари, јавува „Гардијан“.

Во октомври минатата година, за да го купи Твитер, Маск плати 44 милијарди долари.

Падот на вредноста на Твитер следува по хаотичното преземање на компанијата од страна на Илон Маск. Неколку големи огласувачи ја напуштија платформата, а инвестициската фирма „Фиделити“ ја намали вредноста на својот удел за 56 отсто.

Вредноста на Твитер е измерена според понудата на Маск за грантови за акции, пишуваат „Платформер“ и „Информејшн“ кои први го објавија меморандумот.

Користени како начин за поттикнување на вработените, грантовите за акции се можност да се купат акции кои не можат да се продадат до одредено време. Целта е персоналот подоцна да може да ги продаде купените акции за готовина, појаснува „Гардијан“.

Во својата порака до персоналот, Маск вели дека пред да се случат серијата тешки отпуштања, компанијата имала уште само четири месеци пред да остане без пари.

Бројот на вработени во Твитер од 7.500 во октомври минатата година, сега е намален на околу 2.000.