Твитер казнет со 150 милиони долари поради продажба на податоци од своите корисници

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Твитер во САД мора да плати казна од 150 милони американски долари откако органите обвинија дека незаконски ги користел податоците на корисниците за да помогне во продажбата на рекламите, јавува „Би-би-си“.

Судските документи покажуваат дека Федералната трговска комисија и Министерството за правда на САД го обвинуваат Твитер дека го прекршил договорот што го имал со регулаторите. Според нив, прекршено е ветувањето со кое Твитер се обврзал дека на огласувачите нема да им дава лични информации како телефонски броеви и електронски адреси од корисниците.

„Како што е наведено во жалбата, Твитер добивал податоци од корисници под изговор дека ги користи на безбедносни цели, но потоа ги користел податоците за да ги таргетира корисниците со реклами“, соопштија од Федералната трговска комисија.

Според комисијата, оваа практика погодила повеќе од 140 милиони корисници на Твитер, истовремено зголемувајќи го примарниот извор на приходи на компанијата.

Твитер и претходно, во 2020 година, беше казнет со 400.000 фунти поради кршење на европските правила за приватност на податоците.