Твитер ја претстави својата прва претплатничка услуга – Twitter Blue

Твитер Блу
фото: Twitter

Твитер ја претстави својата нова опција за претплата, наречена Twitter Blue. Оваа дополнителна претплатничка услуга на Твитер кај корисниците ќе додаде функции како што се копче за поништување на твитот, обележувачи за вести и режим на читање, соопштија од Твитер. Претплатените корисници ќе имаат пристап и до „посветена“ поддршка за клиенти, но и поволности за прилагодување на иконата на апликацијата и менување на нејзините бои.

Новата услуга за почеток е воведена кај корисниците во Австралија и Канада. Во Канада ќе чини 3,5 долари, додека австралиските корисници ќе можат да се претплатат за 4,5 австралиски долари.

„Од луѓето што постојано го користат Твитер слушнавме дека не секогаш градиме моќни алатки кои ги задоволуваат нивните потреби. Ги прифативме повратните информации и развиваме решение кое на луѓето што користат Твитер ќе им го овозможи она што најмногу го бараат – пристап до ексклузивни функции и поволности кои ќе го однесат нивното искуство на Твитер на следното ниво“, велат од Твитер.

Оттаму додаваат дека новата претплата не е дизајнирана за да го наруши бесплатното искуство, туку да понуди „подобрени и комплементарни“ карактеристики за оние кои го сакаат тоа.

Сѐ уште не е познато кога услугата Twitter Blue ќе стане достапна и во останатите земји.