Твитер доби тужба затоа што не платил кирија од 136.250 долари

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Твитер доби тужба од сопственикот на Калифорнија Проперти Траст затоа што не платил кирија од 136.250 долари во нивните канцеларии во Сан Франциско. Откако Илон Маск ги затегна конците на Твитер, состојбата резултира со тоа што компанијата не плаќа кирија, а персоналот мора да набавува сопствена тоалетна хартија, објави Њујорк Тајмс.

Во декември, компанијата за социјални медиуми беше известена дека задоцнила за плаќање на закупот на 30-от кат од зградата Хартфорд, лоцирана на улицата 650 во Сан Франциско, со закана за тужба доколку не ја плати својата заостаната кирија во рок од пет дена.

Пропуштените плаќања за кирии следуваат по извештаите од минатиот месец дека Твитер престанал да плаќа кирија на сите свои глобални канцеларии „со недели“ бидејќи Маск спроведува мерки за намалување на трошоците. Компанијата исто така престана да плаќа кирија во канцеларијата во Сиетл, што доведе до иселување.

Милијардерот дури се ослободи од персоналот за чистење во канцелариите на Твитер во Њујорк и ја откажа услугата за чистење во седиштето во Сан Франциско претходно овој месец, откако тие штрајкуваа за подобар договор.

Компанијата е тужена и поради тоа што не платила речиси 200.000 долари за приватни чартер летови направени во неделата кога Маск го презеде Твитер.

Во ноември, Маск ги предупреди вработените за можен банкрот на Твитер доколку не се зголемат приходите од претплати за да се надомести падот на приходите од реклами.