„Твич“ ги укина новите правила за рекламирање откако стримерите почнаа да ја напуштаат платформата

Новите правила предвидуваа на стримерите да им биде забрането за време на преносите во живо да вградуваат реклами, што значително ќе ги намалеше приходите на креаторите

Daniel Benavides from Austin, TX, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Услугата за пренос во живо „Твич“ објави дека ги укинува своите нови правила за рекламирање – одлука што ја донеле откако неколку стримери најавија дека ја напуштаат платформата.

Оваа платформа, инаку во сопственост на „Амазон“, рече дека ќе ги ограничи големината и видот на рекламите што ги користат стримерите кои креираат содржини таму, пренесува Би-би-си.

Новите правила предвидуваа на стримерите да им биде забрането за време на преносите во живо да вградуваат реклами, без разлика дали рекламите се во видео или аудио формат. Беа предвидени и ограничувања на големината на кое било лого на само 3 отсто од големината на екранот.

Ова значително би ги намалило начините на кои креаторите на содржини генерираат приход на „Твич“. Стримерите во своите преноси обично вградуваат реклами кои се видливи постојано и за време на целиот пренос.

Платформата одлучила да ја напушти новата политика откако неколку креатори се заканија дека ќе бојкотираат, а други пак веќе се префрлија на други платформи.

Во објава на Твитер, „Твич“ ги нарече своите нови правила „лоши“.

„Спонзорствата се клучни за растот и способноста на стримерите да заработат приход. Ние нема да ја попречуваме вашата способност да стапите во директни односи со спонзорите – вие ќе продолжите да го поседувате и контролирате вашиот спонзорски бизнис“, се вели во објавата на Твич.

Британскиот стример кој на интернет е познат како „Stallion“ (Сталион) за Би-би-си изјавил дека сепак ќе ја напушти платформата.

„Проблемот е што Твич не нуди речиси никаква можност за да бидете видливи – тоа е една од оние платформи каде што ако веќе не сте на врвот, нема ниту да бидете. Сфаќам дека ова е бизнис, но како да не се земаат предвид луѓето што се на платформата. Едноставно се чувствува како сè да е до парите и нема никаква врска со нас“, вели Сталион.

„Твич“ на креаторите им плаќа 50 отсто од парите што ги собира од нивните претплатници, иако некои од најголемите стримери добиваат и 70 отсто. Платформата, сепак, не добива ништо од приходите што креаторите ги добиваат од реклами или донации.

За споредба, креаторите на Јутјуб добиваат 70 отсто од приходите од нивните претплати и членства. Но, за разлика од „Твич“, Јутјуб зема 30 отсто од донациите што ги добиваат јутјуберите.