fbpx

Тужби и пратенички прашања за владата поради ситуацијата на Идомени

-

Најголемата грчка опозициска партија, Нова Демократија, бара одговори од владата на Алексис Ципрас за затворената железничка линија Солун – Скопје поради бегалскиот камп кај Идомени. Пругата повеќе од 50 дена не функционира, со што целосно е блокиран патничкиот и товарниот превоз од Солун кон Западна Европа, што им носи големи финансиски загуби на грчките транспортери и извозници.

Пратеникот Костас Караманлис, одговорен за прашањата за транспорт во Нова демократија, поднесе пратеничко прашање до владата дали планира да интервенира да се стави крај на блокадата на железничката линија, која создава огромни проблеми за грчката економија. Караманлис во прашањето истакнува дека Нова демократија повеќепати барала министерството за транспорт да се активира за овој проблем и да се преземат конкретни чекори да се отвори линија, но не добила никаков одговор, туку само општи ветувања дека сè ќе се реши до Велигден.
„Резултатот на ова е дека блокадата продолжува повеќе од 50 дена. Уште колку може да издржат извозниците, особено во Северна Грција. Дали одговорните министри се свесни дека секој воз што мора да оди преку Бугарија чини од 5.000 до 10.000 евра повеќе и патот трае и до два дена повеќе? Дали министрите се свесни дека железницата веќе има штета од 5 милиони евра?“, прашува Караманлис, додавајќи дека веќе ќе почнат да се губат и меѓународни бизнис-клиенти, кои увидувајќи ја ситуацијата, наоѓаат други начини за транспорт на своите производи и бараат да им биде исплатена оштета.

Караманлис бара грчката влада веднаш да најде решение и за овој проблем и за хуманитарната драма, која со месеци трае во Идомени.

Поради ситуацијата со бегалците на македонско-грчката граница, на адресата на министерот за цивилна заштита, Никос Тоскас, стигна тужба од жителите на Идомени. Претседателката на локалната заедница на Идомени, Ксантула Супли, и уште шест други жители, поднесоа тужба во солунското обвинителство поради условите во кампот и во Идомени. Во тужбата се истакнува дека државата е целосно отсутна и нема никаква контрола над кампот, ниту пак министерот Тоскас презема конкретни мерки за да се решат проблемите во Идомени. Жителите реагираат дека има чести случаи кога бегалци ги вандализираат нивните домови, но велат дека уште пострашно е што грчката држава не прави ништо да се спречат потенцијалните здравствени проблеми што може да се појават во кампот и да го загрозат здравјето и животите на илјадници луѓе.

Во однос на заштита на здравјето на жителите на Идомени и во обид да се избегнат здравствени проблеми, организацијата „Лекари без граници“ под надзор на Министерството за здравство од вчера почна со вакцинација на малите деца до 15 години во кампот. Децата се вакцинираат против дифтерија, тетанус, хепатит, грип, морбили, детска парализа и пневмококи.

Во кампот има околу 9.000 луѓе. Некои одлучуваат да одат во новите бегалски центри кај Солун, но за дел од нив се шпекулира дека плаќаат на шверцери за да бидат пренесени во Македонија. Според информациите, во кампот секојдневно пристигнуваат и нови луѓе.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...