fbpx

Турција ја притиска Грција да ги врати војниците од Александруполи

-

Турција го заострува притисокот кон Грција за побрзо екстрадирање на турските војници од Александруполи. Турскиот амбасадор во Атина, Керим Урас, на брифинг со грчките новинари во турската амбасада се закани дека грчко-турските односи ќе се влошат доколку Грција не ги врати војниците, за кои турските власти сметаат дека биле дел од воениот удар против турскиот претседател.

Ваквата изјава и закана предизвика голема вознемиреност во грчкото мминистерство за надворешни работи, кое веднаш побара објаснување од турскиот амбасадор. Урас во разговор со МНР изјавил дека, наводно, медиумите погрешно ја пренеле неговата изјава и потоа излезе со друга, малку поумерена официјална изјава.

– Итната екстрадиција на турските војници во Турција ќе има позитивно влијание на врските меѓу двете држави. Од друга страна, негативна одлука од грчка страна би можела да предизвика негативни чувства кај турската јавност – посочи Урас.

Турскиот амбасадор оцени дека Грција погрешно се справила со ситуацијата. Остро ја критикуваше одлуката да им се дозволи на војниците да слетаат со турскиот воен хеликоптер веднаш по воениот удар во Турција, посочувајќи дека грчките власти не требало воопшто да им дозволат да слетаат на грчко тло. Урас смета дека Грција требало веднаш да разбере дека е неточен сигналот од турскиот авион дека се соочува со технички проблем и да им забрани влез во Грција. Според него, војниците, кои ги именувал како терористи, треба да се вратат во Турција каде ќе им се суди според меѓународното право.

– Што ќе мислевте вие ако Турција понудеше засолниште на луѓе кои учествуваа во обид за пуч? Излишно е да кажам дека немаше да бидете многу среќни – истакнал турскиот амбасадор во разговор со грчките новинари.

Осумте турски војници утре одат на судење во Александруполи. Војниците се обвинети за нелегален влез и лет во Грција. Доколку бидат осудени, ќе останат во затворот во Александруполи додека чекаат да им биде одобрен азил.

Осумтемина вчера и официјално поднесоа барање за азил во службата за азил во Еврос. Од следната среда почнуваат нивните индивидуални интервјуа со претставници на службата за да ги објаснат причините за нивните барања за азил во Грција.

Грчката влада останува на ставот дека не сака турската криза да се прелее во Грција и да се создаде дипломатски инцидент, поради што внимателно се справува со ситуацијата. Иако Атина официјално ја поддржува власта во Турција и истакнува дека при разгледувањата на барањата на војниците ќе се земе предвид фактот дека учествувале во воен удар, засега ги остава одлуките во рацете на грчкиот правен систем, каде паралелно течат процедурите за судење на војниците за нелегален влез во државата, екстрадиција и за нивен азил во Грција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...