Министерот за одбрана на Австрија, Ханс Петер Доскоцил, смета дека Турција се наоѓа на „директен пат кон диктатура“ и стравува од нов бран бегалци, за кои, како што вели, Европа мора навреме да се подготви за да ги заштити своите надворешни граници.
„Политиката на ЕУ спрема бегалците не функционира. Фронтекс и крајбрежната стража не можат да ги исполнат своите задачи со мал број луѓе,“ изјавил Доскоцил за виенскиот весник „Курир“.
Тој остро ја искритикувал Турција истакнувајќи дека се наоѓа на пат на диктатура и дека постои опасност таа земја да се откаже од примената на договорот за бегалците со ЕУ.
„Нема да дозволиме Турција да ни се заканува и понатаму,“ порачал австрискиот министер, кој бара итно да се прекинат договорите со Анкара за членство во ЕУ.