Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Александар Младеновски, и менаџерот на компанијата „Мурат Тиџарет“, Ејуп Ѓулсој, денеска во Владата на Република Македонија потпишаа договор за закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2.

Ѓулсој појасни дека планираат во првата фаза да инвестираат 6,6 милиони евра, со кои треба да се изгради производствен капацитет од повеќе од 6.000 квадратни метри и да се вработат околу 300 лица. Во периодот од 10 години, компанијата би вработила вкупно 600 лица, а вкупниото производство би се простирало на околу 18.000 квадратни метри.

– Географската положба на Република Македонија, односно близината до Европската Унија, квалификуваната работна сила, позитивниот пристап на Владата и новиот пакет мерки за државна помош кои Владата ги подготвува беа фактори кои придонесоа компанијата да се одлучи да инвестира во Република Македонија – истакна Ѓулсој.

Компанијата „Мурат Тиџарет“ ќе функционира во Република Македонија под името „Муџат ваеринг системс“ (Murat Wiring Systems), а согласно договорот во наредните 50 години ќе добијат на користење земјиште со површина од 32.000 квадратни метри, по цена на користење  од 0,1 евро за еден квадратен метар годишно.  Првата фаза на инвестицијата ќе почне во февруари 2018 година, а се очекува производствениот погон да почне со работа во декември 2018 година.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека потпишувањето на договорот за градежно земјиште е доказ дека Владата ќе гради добар однос со странските, но и со домашните инвеститори и дека владината поддршката за нови инвестиции ќе биде и повисока од минатото.

– Направивме симулација на постојните договори што ги имаме склучено со компаниите во ТИРЗ и резултатите се охрабрувачки. Сите компании кои работат со успех и се развиваат би биле и подобро поддржани. За таа цел Владата во новиот буџет намени 46 отсто повеќе средства во програмата за економски развој за поддршка на инвеститорите, а се кратат непродуктивните трошоци за реклами. Разговараме со нови 19 инвеститори, а токму толку компании се моментално активни во ТИР-зоните – нагласи Анѓушев.