Крешник Бектеши
фото: Мин за економија

Министерството за економија доби овластување за имплементација на „Знак за безбеден туризам“ и протоколи за безбедно патување од Светскиот совет за туризам и патување (WTTC). Со овој безбедносен печат се докажува дека државава е сигурна дестинација за сите туристи кои ќе ја посетат. Ова го посочи министерот за економија Крешник Бектеши на денешната промоција на платформата за имплементација на протоколи за „Знак за безбеден туризам“ (Safe Travels Stamp) и на промотивното видео за Северна Македонија, безбедна дестинација за туристи.

„Седумте комори и здруженија кои се вклучија и се дел од овој проект придонесоа за овие протоколи да се имплементираат во сите сегменти во туристичката индустрија. Апелирам до сите чинители: хотели, ресторани, агенции, приватно сместување, алтернативни видови на туризам, изнајмувачи на опрема за туризам, водичи и други правни и физички лица да се информираат за протоколите, преку платформата www.safetravels.gov.mk истите да ги имплементират, да бараат од комисиите тоа да се сертифицира и во нивните понуди да го користат безбедносниот печат. Така ќе докажеме дека сме пред сѐ одговорни и безбедни“, кажа Бектеши.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, рече дека има голем интерес од туристичкиот сектор за имплементација на „Знакот за безбеден туризам“, како и дека, сите учесници во туризмот, вклучително и Владата и нејзините институции, имаат подеднаква одговорност за спроведување и почитување на протоколите на овој знак. „Спроведување на барањата за „Знакот за безбедност“, на одговорен, транспарентен и отчетен начин е единствениот пат Северна Македонија да биде препознаена како туристичка дестинација, безбедна во време на ковид-19“, истакна таа.

Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, оваа платформа и кампања за безбедно патување е специјално креирана за да им овозможи на туристите полесно препознавање на компаниите кои работат според глобалните, стандардизирани протоколи за заштита од ковид-19.

„WTTC создаде печат за оние кои ги аплицирале и се придржуваат до здравствените стандарди и овозможуваат безбеден престој на туристите, а тука припаѓаат сите инволвирани во туризмот: хотели, ресторани, авионски компании, туроператори, продавници, транспорт. Кризите од минатото нè поучија дека глобалните стандардизирани протоколи овозможуваат доверба, а оваа иницијатива е токму за да се врати довербата во патувањето“ , кажа Јаневски.

Ана Таневска Ѓорѓиевска, претседателката на Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора, истакна дека за компаниите кои се директно вклучени во угостителско-туристичката дејност, „Знакот за безбеден туризам“ и протоколите за безбедно патување се од исклучителна значење и важно е тие што поскоро да бидат ставени во функција.

Платформата www.safetravels.gov.mk која ќе биде почетна точка за сите субјекти од туристичко-угостителскиот сектор заинтересирани да аплицираат за „Знак за безбеден туризам“, ќе биде јавно достапна кон крајот на месецов.