Сите 20 лица од персоналот на турскиот воен товарен авион што се урна во Грузија се загинати, изјави турскиот министер за одбрана. Потврдата дојде во објавата на Јашар Ѓулер на Икс, во која беа објавени фотографии од персоналот што загина во несреќата, пренесува Гардијан.
Воениот транспортен авион Ц-130, произведен во 1968 година, бил на пат од Азербејџан до Турција, кога се урнал во Грузија, а причината за инцидентот сè уште се истражува. Зборувајќи на местото на несреќата, грузискиот министер за внатрешни работи Гела Геладзе изјави дека деталите во врска со несреќата ќе бидат објавени „во фази“ во координација со турските власти, поради воена чувствителност.
Според Би-Би-Си Турција, воздухопловните власти на Грузија соопштија дека авионот исчезнал од радарот без да издаде сигнал за помош. Министерството за внатрешни работи на Грузија соопшти дека авионот се урнал во близина на Сигнаги, околу 5 км (3 милји) од Азербејџан.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, во порака до Ердоган изјави дека е „длабоко ожалостен од трагичната вест за загубата на војниците“ и му упати сочувство нему и на народот на Турција. Амбасадорот на САД во Турција, Том Барак, на X изјави дека е „длабоко ожалостен“ од несреќата.
„Изразуваме искрено сочувство до семејствата на загинатите, Турските вооружени сили и народот на Турција“, додаде тој. C-130 е транспортен авион произведен во САД што го користат воздухопловните сили низ целиот свет.
Milletimizin başı sağ olsun. 🇹🇷 pic.twitter.com/q6PhQXNZv7
— Yaşar Güler (@YasarGulermsb) November 12, 2025
