Во 2014 година се откриени 285 нови случаи на заболени од туберкулоза, со стапка од 13,8 лица на 100.000 население, што е за 38 случаи помалку споредено со 2013 година, кога бројот на новооткриени изнесуваше 325 лица. Најнови стандарди за дијагностицирање, лекување и за превенирање на туберкулозата вклучени во Националната стратегија за туберкулоза, се применуваат во Република Македонија, која е меѓу земјите со ниска стапка на регистрирани случаи со туберкулоза (помалку од 20 лица на 100.000 население).

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство, Никола Тодоров, на одбележувањето на Светскиот ден на туберкулозата под мотото „Да се открие, да се лекува и секој да се излекува! Дали оваа кашлица е ТБ – да се тестира и да се излекува!“.

Тој нагласи дека туберкулозата сè уште е болест на младата популација и дека најмногу се засегнати лицата на возраст од 25 до 45 години, а во текот на 2014 година најмногу доминира возрасната група од 25 до 34 години со 20,4 отсто од вкупно регистрираните случаи, по што следи возрасната група од 45 до 54 години со 18,2 отсто, а возрасните групи од 55 до 64 години и постари од 65 години се застапени со околу 15 отсто.