Управувачкиот комитет на кризи денеска ја оцени како стабилна состојбата во Македонија со невремето предизвикано од неповолните метеоролошки услови, но истакна дека сè уште постојат ризици но се помали во споредба со претходните денови. Од Комитетот велат дека ризиците не треба да се потценат и оти сега главен проблем е ниската температура која може да создаде проблеми со здравјето на населението, снабдувањето со електричната енергија и со вода, како и отежнат сообраќај.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, соопшти дека сите институции ќе продолжат да бидат максимално фокусирани на сите препораки и заклучоци кои се дадени од страна на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

Според податоците на УХМР, денеска е портокалова фаза во Осогово и во Малешево (Делчево, Виница, Берово) и во Полошкиот Регион (Тетово, Гостивар, Кичево), која ќе продолжи и утре, а ниската температура ќе продолжи до вторник.

Државниот советник за здравствена заштита при Министерството за здравство, Јованка Костовска, посочи дека министерството и Комисијата за превенција од студени бранови препорачува во следните два дена да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст заради заштита на нивното здравје.

– Препораките се за целата територија, меѓутоа со посебен акцент на Осоговско-малешевскиот и на Полошкиот Регион. Работниците што работат на отворено треба да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи, на секои два часа по половина час, во топла просторија и со топли напитоци, сè со цел заштита на нивното здравје – рече Костовска.

Таа нагласи дека Комисијата за превенција од студени бранови ќе продолжи да ја следи состојбата и оти од среда се очекува благ пораст на температурата.

Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) истакна дека магистралните патишта во земјава и во најголем дел регионалните, се проодни, но оти сообраќајот се одвива во зимски услови и отежнато, освен на места на повисока надморска височина во некои општини во кои се непроодни патиштата, како во Струга, Велес, Штип, Куманово и во Чучер – Сандево.

Од ЦУК соопштија дека авионскиот и железничкиот сообраќај се одвиваат редовно, освен на делот од пругата Велес – Кочани каде, како и вчера, има наноси од снег. Забрани за сообраќај има за камиони на патниот правец Маврово – Дебар и на планинскиот превој Плетвар.