Реформата на системот на јавни набавки е еден од главните приоритети, јавните набавки се една од клучните алатки во економските политики на една Влада и веројатно се највидливиот сигнал за доброто управување со јавните финансии, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција по повод завршување на проектот за „Зајакнување на праксата на јавни набавки“ имплементиран од Бирото за јавни набавки (БЈН) и Светска банка (СБ).
Сигнализирање ризик од корупција, надградба на електронскиот систем за јавни набавки и јакнење на капацитетот на Бирото за јавни набавки, се трите успешно имплементирани активности преку заедничкиот проект на БЈН и Светска банка.
– Новата управна контрола што ќе ја врши Бирото за јавни набавки во голема мера ќе се потпира на системот за проценка на ризик кој директно произлегува од главната активност на проектот за генерирање индикатори на успешност и ризици, кои во праксата се познати како „црвени знаменца“. Исто така, се имплементираа модули за електронска жалба и електронска архива кои се предвидени како решенија во новиот закон и кои треба значително да ја олеснат неговата примена во овие сегменти што покажуваа одредени слабости во досегашната практика – истакна Тевдовски.
Според податоците, во Македонија минатата година вредноста на склучените договори изнесувала 38,2 милијарди денари, што е 6,2 процента од БДП. Во светски рамки, на пример во ЕУ, јавните набавки се еднакви на БДП на Франција, или приближно еднакви на светската продажба на автомобили. Ова е само уште една потврда за важноста на јавните набавки за една економија.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во Макeдонија, Марко Мантованели, оцени дека „црвени знаменца“ ќе го поддржат следењето на системот и ќе алармираат во текот на обработката, што ќе придонесе за зголемување на транспарентноста.
– Програмата не беше огромна, но беше насочена кон клучните функционалности и го пренесе системот за електронски јавни набавки на наредното ниво – рече Мантованели и изрази отвореност за натамошна соработка во исполнување на оваа агенда.
Директорот за јавни набавки, Бардул Насуфи, објаснувајќи ги бенефитите од имплементацијата на проектот, рече дека сега сите проекти финансирани од меѓународни организации можат да се објавуваат на Електронскиот систем.
– Ова претставува одлична можност без дополнителни трошоци да се публикуваат тендерите онаму каде што е најкорисно и каде што секоја заинтересирана фирма ќе ја види можноста што ја има за учество. Се олесни и регистрацијата на странските економски оператори на Електронскиот систем. Имплементиравме плаќање на надоместокот со кредитна картичка, што ја прави регистрацијата брза и поевтина бидејќи банкарските трошоци се далеку пониски – појасни Насуфи.
Проектот за „Зајакнување на праксата на јавни набавки“ е финансиран од Фондот за грант средства за зајакнување на финансиската отчетност, со кој управува Светска банка. Главен финансиер на проектот е Европската комисија. Неговата цел е да се подобри управувањето со јавните финансии во регионот на Европа и Централна Азија.