На Дејан Митровски – Урко и на Ален Зекиров, освен што им беа лични телохранители на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на неговиот братучед и поранешен шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, заедничко им е и тоа што двајцата се инволвирани во сообраќајни несреќи со смртни последици.

Денеска, МВР до скопското јавно обвинителство поднело кривична пријава против Митровски за сообраќајната несреќа што се случи на 27 јули, а во која тешко беше повреден 22-годишен мотициклист, кој по неколку дена почина.

Ален Зекиров, кој му беше телохранител на Мијалков, во 2009 година на булеварот Партизански одреди со мотор го прегази 73-годишниот скопјанец Симо Серафимовски, додека тој го туркал својот велосипед на пешачки премин.

Судскиот процес против Зекиров траеше речиси шест години, по голем број одложени рочишта поради неприсуство на обвинетиот, како и поради вештачењата околу сообраќајката.

Зекиров во 2014 година беше осуден на само шест месеци затворска казна.

По изрекувањето на пресудата, нема податок дали Зекиров ја одлежал казната, се водела или, пак, се води некаква постапка во повисок суд и кој е исходот од неа.

Дел од порталите неодамна објавија видеоснимка споделена на „Инстаграм“, на која, како што тврдеа, е Зекиров како со автомобил вози низ булеварот Илинден со брзина од 200 километри на час.