Во периодот од март до јуни, во просек по 7 прилози дневно се објавувало на темата „десоросоизација“ односно на континуираната хајка и нападите врз граѓанските организации, Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), Џорџ Сорос, УСАИД, амбасадорот на САД во Реублика Македонија, Џес Бејли и друго, стои во анализата која ја спроведе „НВО Инфоцентар“.

По формирањето на Владата предводена од СДСМ, интензитетот на написи и прилози драстично се намалил, во просек 2 текста дневно, но хајката и натаму продолжила, се вели во анализата на извештајот што се однесува на периодот март – ноември 2017 година. Со мониторингот биле опфатени централните вести на телевизиите: „ТВ 24“, „Телма“, „Сител“, „МРТ1“, „Алсат М“, „Канал 5“, „Алфа“ и „ТВ 21“; дневните весници: „Слободен печат“, „Вечер“ и „Дневник“ (нивните интернет-страници/електронски изданија) и порталите: „А1он“, „Плусинфо“, „Република“, „Курир“ и „НоваТВ“.

„НВО Инфоцетар“ наведува дека медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ објавиле 80% од вкупниот број текстови односно во просек објавувале три прилози дневно, а во првите четири месеци, овој просек се искачуваше и до шест прилози дневно. Од нив, најголем број објави имаат: „Република“ (23%), „Курир“ (21%), „Вечер“ (12%) и „Дневник“ (9%). Од критичките медиуми најмногу содржини објавија: „А1.он“ (6,5%), „Плусинфо“ (4%), „НоваТВ“ (3%) и „Слободен печат“ (3%).

„Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, заедно со оваа партија и иницијативата СОС, водеа жестока „црна“ кампања против Џорџ Сорос, Фондацијата Отворено општество Македонија, граѓанските организации, активистите, УСАИД, амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и др. Според овие медиуми, најголеми непријатели на Македонија се Џорџ Сорос, неговата Фондација и граѓанските организации. Најголемиот дел од прилозите објавени во медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ беа анонимни и често пати еден ист текст беше реобјавуван во различни портали и весници“, се вели во истражувањето.

Во анализата се наведува дека критичките медиуми, пак, претежно ги објавувале реакциите и демантите на нападнатите страни, а редовно информирале и за текот на инспекциите и истрагите врз граѓанските организации, иницирани и оркестрирани од страна на поранешната власт.