„Црн понеделник“ и во Скопје против забраната за абортус во Полска

Десетина лица облечени во црно денеска протестираа пред Амбасадата на Полска во Македонија.

Протестот, кој е наречен „Црн понеделник“ (Black Monday), е во знак на поддршка на Полјачките, кои денеска протестираат поради одлуката целосно да се забрани абортусот.

Демонстрантите со себе носеа транспаренти на кои пишува „Мое тело, мој избор“, „Надвор од мојата матка“, „Солидарност“.

Откако заврши протестот, демонстрантите ги закачија транспарентите на амбасадата.

На својот профил на „Фејсбук“ фотографија објави и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Вакви протести денеска се одржуваат во повеќе градови низ светот.

Илјадници жени во Полска денеска нема да се појават на работа, ќе се откажат од работи во домаќинството и ќе апстинираат од секс како протест поради планираните законски измени во земјата за криминализација на сите абортуси.

Планирано е жените цел ден да носат црно во знак на одбивањето на предложените измени на законот за абортус, а преку воздржувањето од секакви активности, целта е да ја запрат полската економија.

Доколку стапат на сила новите измени, сите абортуси би биле криминализирани и жените што би абортирале би се соочиле со затворски казни до пет години. Со затвор би се соочувале и медицинските лица кои би го вршеле или помагале абортусот.

Полска и досега имаше еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Прекинот на бременоста беше дозволен само во рана фаза кога е загрозен животот или здравјето на мајката, кога има веројатност бебето да има трајни последици по здравјето и во случај кога бременоста настапила како последица на силување или инцест.