Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) најостро го осудува вчерашниот напад на новинарите на информативниот портал „А1он“ од страна на учесници на протестот „За заедничка Македонија“ и бара брзо откривање и санкционирање на сторителите на нападот.

– Колегите Александар Тодевски и Владимир Желчески совесно ја вршеле својата должност, да ја известуваат јавноста за настани од јавен интерес, и со ништо не заслужиле таков вандалски и кукавички чин. Нападот врз нив го сметаме за напад на целата новинарска професија – велат од ЦРМ.

Оттаму потсетуваат дека не треба да се заборави на одговорноста за настанот на организаторите на протестите, неформалната граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“, од која бараат сериозно да се погрижи за безбедноста за време на своите активности за да спречи повторување на вакви и слични инциденти, а на новинарите да им овозможи безбедно и непречено да работат.

– Пресудна е и улогата на политичарите, кои ги повикуваме да се воздржат од користење запалив говор и говор на омраза и да се однесуваат одговорно. Од медиумите бараме да се однесуваат професионално и да се воздржуваат од провокации, користење говор на омраза и поттикнување на етнички поделби и за настаните да известуваат објективно и непристрасно – додаваат од ЦРМ.

Центарот за развој на медиумите ја поддржува одлуката на повеќе медиуми да ги бојкотираат вечерашните протести и да не информираат за активностите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, сè додека тие претставуваат безбедносен ризик и небезбедно окружување за новинарските екипи.