Невладината организација „Цивил“ нотирала три случаи на притисок врз нивните надзорни тимови и тоа во општините Штип, Кавадарци и Сарај, информираат од таму.

Поради, како што велат, крајно сериозните закани, „Цивил“ ги повлече набљудувачите од село Ласкарци, општина Сарај. Заканите дошле од член на избирачкиот одбор, кој било револтиран од присуството на набљудувачите на „Цивил“, односно од извештаите на „Цивил“ од првиот круг на изборите.

– Не веруваме дека во Ласкарци ќе се одржат слободни избори. Ги повикуваме институциите, особено ДИК, да ја провери кондицијата на лицата ангажирани во своите тела. Препорачуваме МВР да ја засили својата контрола во овој дел од општина Сарај и да помогне изборниот процес да се одвива непречено – изјави Џабир Дерала од „Цивил“.

Набљудувачките тимови на „Цивил“ регистрирале 29 нерегуларности како фотографирање  гласачки ливчиња, семејно и групно гласање и кршење на изборен молк.

– Изборниот молк се крши како воопшто да не постои забрана за партиска активност во текот на изборниот ден. Семејно гласање е често и вообичаено во Студеничани и во Шуто Оризари, без реакција од избирачките одбори – додаде Дерала.

Од „Цивил“ апелираат до политичките партии веднаш да престанат со притисоците врз граѓаните и да престанат со кршењето на изборниот молк.