Со лисици на рацете, туркан и влечен, навредуван и малтретиран неколку часа на скопскиот аеродром… Наместо да се качи на авионот за Лондон, вчера попладне, Димитар Шошев заврши со лисици на рацете, соопшти невладината организација „Цивил“.

Шошев е еден од демонстрантите што беа приведени по протестите на 5 мај, за кои имаше експресно судење и му се изрече условна казна на 22 мај, по што беше ослободен. Истиот ден по него беше распишана потерницата.

„Видно вознемирен и револтиран, Димитар ни сведочеше за неколкучасовното изживување врз него. Пред полетувањето на авионот со кој требало да патува, полицајците со кикотење го однеле да види како полетува авионот. Му ја држеле главата во насока на авионот кој полетувал во тој момент. Откако дошла потврдата дека не постои потерница по него, без никакво извинување, тој бил оставен на пат, со куферот кој му го вратиле видливо оштетен. Авионскиот билет му пропаднал“, стои во соопштението на невладината организација.

Адвокатот Мирослав Вујиќ, кој го застапуваше Шошев пред судот, за „Цивил“ потврдил дека ова е груба грешка на Министерството за внатрешни работи затоа што потерницата по Димитар била повлечена уште на 22 мај и дека биле должни да ја ажурираат во компјутерскиот систем веднаш. Вујиќ вели дека случајот на Димитар Шошев не е единствен и дека постојат повеќе вакви случаи.

Од „Цивил“ истакнуваат дека полицијата имала повеќе од доволно време да ја спроведе судската наредба за повлекување на потерницата до вчерашниот ден и наведува дека ова претставува и грубо ограничување на слобода на движење. Невладината организација остро протестира поради ваквото однесување на полицијата и бара ваквиот однос да престане веднаш, а одговорните за овој скандал веднаш да бидат земени на одговорност.

„МВР е должно да преземе одговорност за малтретирањето и да му ја надомести сета материјална и нематеријална штета на Димитар Шошев, почнувајќи од исплата на пропаднатиот билет и оштетените лични предмети, до негово обесштетување поради нанесена нематеријална штета“, стои во реакцијата на „Цивил“.