„Ѓорге Иванов, човекот кој на власт дојде преку изборна измама организирана од партијата во заминување од власт, и кој, според релевантни правни експерти, го прекрши Уставот на Македонија повеќепати досега, денеска уште еднаш го стори тоа“, се вели во реакцијата на невладината организација „Цивил“, откако претседателот Ѓорге Иванов одлучи да не го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за да формира влада.

– Со својот настап, тој го одобри и го охрабри насилството на кое сме сведоци овие денови. Накратко, Иванов со своето обраќање не понуди решение, туку го прегази Уставот и ја продлабочи политичката криза во Македонија. Сега преостанува избраните пратеници во парламентот да ги искористат постојните уставни и законски можности, да го „премостат“ Иванов, кој е крајно деструктивен елемент во македонската политика, и да го ефектуираат своето мнозинство  – велат од „Цивил“.