fbpx

Ципрас во Софија ќе разговара и за ситуацијата во Македонија

-

Грчкиот премиер Алексис Ципрас в понеделник заминува за Софија на заедничка владина седница меѓу Грција и Бугарија. Ципрас во бугарската престолнина ќе се сретне со премиерот Бојко Борисов и со претседателот Росен Плевнелиев, а потоа ќе има заедничка седница меѓу грчката и бугарската влада, за што во Софија доаѓаат речиси половина од министрите на СИРИЗА.

На состаноците се очекува да се разговара за зајакнување на енергетската соработка, за бегалската криза, како и за случувањата во Турција и во регионот. Главна тема се очекува да биде енергетската соработка и можноста за поврзување на грчко-бугарскиот гасовод ИГБ со Трансјадранскиот гасовод. Она што се споменува во Грција е дека идејата е ИГБ да презема азербејџански гас од ТАП, а потоа и од него да се пуштат краци кон Македонија и кон другите земји од Западен Балкан.

Според информациите во Грција, не е исклучено да се разговара и за ситуацијата во Македонија. Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на дипломатски извори, пренесува дека Софија и Атина имаат заеднички став во врска со Македонија. И двете држави во однос на Македонија постојано посочуваат дека државата има проблем со демократијата, мора да ги спроведе договорените точки од Договорот од Пржино, а во однос на евроинтеграцијата истакнуваат дека Македонија мора да се однесува во согласност со европските правила и вредности. Околу заедничката позиција на Бугарија и на Грција, министерот Коѕиас на јунскиот Совет на министрите за надворешни работи на Европската Унија посочи дека Грција се противи на идејата за санкции, како и дека Грција и Бугарија се вистински пријатели на Македонија и се грижат за нејзината стабилност.

За потсетување, Коѕиас минатата година ја најави идејата за формирање неформален сојуз меѓу Грција, Бугарија и Романија, за овие три држави да ги усогласат своите ставови за клучни прашања во ЕУ, како интеграцијата на државите од Западен Балкан, и за заеднички да настапат на европските состаноци со овие позиции.

Грчката и бугарската влада ќе разговараат и за бегалската криза, уште една тема на која имаат заеднички позиции. Ќе се разгледа можноста за зајакнување на граничната контрола, засилување на соработката во одбраната во случај да дојде до ново зголемување на бегалскиот бран кон двете држави. Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, кој неделава имаше средба со неговиот бугарски колега, Николај Нечев, во Софија, најави дека се договорени заеднички воени вежби над Црно Море, што во Грција се толкува како можност да се засили улогата на НАТО и во Црното Море.

Ова ќе биде прва посета на Ципрас на балканска држава, а грчките медиуми не ја исклучуваат можноста тој да посети и други држави од Западен Балкан. Соработката на Грција со балканските држави се очекува да се зајакне и на вториот регионален самит во Солун, сличен како оној во април за бегалската криза, на кој ќе учествуваат Грција, Македонија, Албанија и Бугарија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...