fbpx

Ципрас веќе се гледа како премиер

-

Бран промени и ново лице на политичката сцена или играње безбедно и задржување на политиката на постарите партии, ова е дилемата која утре ќе ја решат грчките граѓани на гласањето за предвремените парламентарни избори. 

Партиите завршија со жестоката предизборна кампања, која почна пред само еден месец. Андонис Самарас од Атина, а Алексис Ципрaс од Крит, ноќеска на последните митинзи, за последен пат, се обратија до народот и упатија жестоки критики еден кон друг, секој со надеж дека утрешниот ден ќе ги доближи до премиерското место.

Последните анкети во медиумите ја потврдуваат климата на силна народна поддршка и оптимизам дека СИРИЗА ќе го преземе кормилото над државата за да се стави крај на строгата политика на штедење на Нова демократија и на ПАСОК. 

СИРИЗА води со 6,7 отсто пред Нова демокатија во последната анкета пред изборите, која ноќеска ја објави телевизијата „Мега“. Според анкетата, левичарите имаат поддршка од 33,4 отсто, Нова демократија е зад нив со 26,7 отсто, а трета партија е неонацистичката Златна зора, со 5,1 отсто поддршка. ПАСОК и Река се на четврто место, и двете со поддршка од 5 отсто, Комунистичката партија има рејтинг од 4,9 отсто, а Независни Грци 3,5 отсто. Партијата на Јоргос Папандреу е на граница на влез во парламентот, со поддршка од 2,9 отсто.  

Ваквите бројки покажуваат можност за нов парламент со седум партии. Меѓу Самарас и Ципрас, анкетирираните сè уште му даваат повеќе доверба на Самарас, чиј рејтинг е 40,1 проценти, наспроти Ципрас со доверба од 38,6 отсто. Од анкетираните, 9 отсто се изјасниле како неопределени гласачи.

Сите анкети укажуваат на јасна победа на СИРИЗА, но сè уште е неизвесно дали во последен момент партијата ќе успее да обезбеди апсолутно мнозинство и ако не, со кого би договорила коалиција. Надежта која им ја ветува Ципрас во изборната кампања со слоганот „Надежта доаѓа“, веќе преовладува кај огромен дел од нив. Меѓу голем дел од граѓаните се забележува оптимизам дека Ципрас ќе успее да формира влада и да го направи владеењето на Нова демократија само лош сон. Дури и дел од медиумите кои традиционално ја поддржуваат страната на Нова демократија и на ПАСОК, последните неколку дена дозволија анкети со голема предност на Сириза и суптилно ги повлекоа насловите со кои се најавуваше катастрофа во Грција доколку Ципрас ја преземе власта.

– Коцката е фрлена. Од понеделник ќе ги засукаме ракавите и ќе ја преземеме тешката одговорност да ја вратиме Грција на нозе – изјави Ципрас на Крит. 

Нема никаков сомнеж дека тој веќе се гледа себеси како премиер. Децидно највува дека од понеделник поимите„тројка“ и „строг пакет за штедење“ веќе нема да постојат за грчкиот народ. Најави дека не планира да ѝ дава некаква предност или ексклузивитет на средба со германската канцеларка Ангела Меркел и доколку стане премиер, за грчката иднина ќе преговара колективно со сите европски лидери, а не само со Меркел.

Самарас, пак, на последниот говор во Атина, со кој остро го нападна Ципрас, им порача на граѓаните да не се грижат бидејќи од понеделник повторно ќе има влада на Нова демократија, која нема да дозволи државата да падне во бездна. 

– Сите треба да ја спречиме несреќата наречена Ципрас, нема да им дозволиме да ја вратат државата назад. Немаат идеја како да преговараат и со кого. СИРИЗА нема да ја смени Европа, туку ќе ја сврти цела Европа против Грција – изјави остро Самарас

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...