Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, одржа итна владина седница околу ситуацијата со бегалците. Ова е втора седница во рок од 24 часа откако бегалците успеаjа да се пробијат во Македонија преку Сува Река. Нa седницата беа и министрите за внатрешни работи, одбрана и за цивилна заштита за да се подготви грчката позиција за новиот самит на ЕУ за бегалската криза.

Ципрас денеска изјави дека бегалците се жртви на групи што се движат меѓу волонтерите и ги поттикнуваат да не ги слушаат инструкциите на грчката влада за сместување во прифатните центри и им ветуваат дека може нелегално да преминат кон Македонија. Тој со песимизам додаде дека не се надева на отворање на македонската граница.

-Апелираме до бегалците во Идомени да се откажат од нивниот упорен обид да останат во регионот, бидејќи едностраните одлуки на државите од балканската рута не се случајни. Наша процена е дека тие што ги затворија патот и границите нема шанси да ги отворат повторно – истакна Ципрас.

Грчкиот премиер апелираше бегалците да прифатат да бидат префрлени во мигрантските кампови и да го напуштат кампот кај Идомени, каде условите за живот се очајни.

Неговиот опонент, лидерот на опозициската Нова демократија, Константинос Мицотакис, при денешната посета на кампот во Идомени, заглавен во кал, изјави дека условите таму се нечовечки.

– Кампот е како тупаница во стомакот на културната Европа – истакна Мицотакис.

Тој упати остра критика кон владата, особено поради недостигот од владини и од институционални претставници во кампот.

– Условите се нечовечки. 12.000 луѓе се заглавени среде кал, со малку волонтери кои помагаат со цела сила, но големината на проблемот ги надминува. Оваа ситуација не може да продолжи – додаде тој и побара владата веднаш да претстави план за транспорт на луѓето во похумани услови бидејќи, како што истакна, малку треба да дојде до бомба од здравствени проблеми.

Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, од Идомени истакна дека ЕУ е и солидарна и ја поддржува Грција во справувањето со бегалската криза. Забележа дека целта и на Грција и на ЕУ е што побргу да се обезбеди соодветна хуманитарна помош, да се одговори на итните потреби на луѓето во мигрантските центри и што побргу да се префрлат бегалците од Идомени во побезбеди услови во Грција или другите држави од ЕУ.