fbpx

Ципрас: Сакаме Балкан без национализам и иредентизам

-

Грција сака да остане фактор на стабилност и на безбедност во балканскиот регион и да стави крај на национализмот и на националистичките политики на Балканот. Ова од Москва, од говорницата на Институтот за меѓународни односи, го порача грчкиот премиер Алексис Ципрас, за време на неговата официјална посета на Русија.

– Поддржуваме активна балканска политика, далеку од национализмот и од иредентистичките планови кои водат до распад на регионот. Грција е за вистински решенија за иднината на Балканот – истакна Ципрас во говорот во Москва, еден ден по неговата средба со претседателот Владимир Путин.

Грчкиот премиер истакна дека Грција ја поддржува европската перспектива и обидот на државите од Западен Балкан да се интегрираат во европското семејство. Според него, напредокот кон ЕУ ќе им помогне на државите од Балканот да ги развијат и подобрат билатералните односи во поширокиот регион.

Ципрас се враќа задоволен од Русија, со пораки за можност за подобрување на грчко-руската соработка. Меѓутоа, оцените во Грција се дека грчката влада не треба предвремено да празнува за некаква руска помош или за кревање на ембаргото за извоз на земјоделски производи, туку да биде со воздржани очекувања од оваа средба, која треба да се повтори во јуни. Ципрас доби позитивни коментари за фактот што не пружил „предолга пријателска рака“ кон Русија, туку настапил умерено без да предизвика негативни коментари и реакции од европска страна.

Иако грчкиот премиер се враќа со пораки за руски интерес за приватизацијата на грчките пристаништа и железница и со предлог за нов руски гасовод, на грчката влада ѝ е јасно дека нема да може да даде зелено светло за ниту еден од овие чекори без позитивно одобрување од ЕУ и без позитивен развој на геополитички план со кризата во Украина.

Грчкиот премиер по средбата во Русија го очекува нова главоболка во Атина. Грчката влада доби нов рок од шест работни дена од Европската работна група да достави подобрена и подетална листа на економски реформи. Листата со детално објаснување и со план за сите реформи мора да се достави во тоа време за да биде разгледана, дискутирана и одобрена до состанокот на Еврогрупата на 24 април, за Грција да ја добие неопходната финансиска помош што ја очекува. Сите реформи сè уште не ѝ се познати на јавноста, а според информациите, европските функционери вршат притисоци за промени во здравственото осигурување и за можноста за ослободување од плаќање ДДВ.

За европските кредитори најспорна е точката за хуманитарна помош, која Ципас ја има поставено како црвена линија како помош за семејствата што се во финансиски тешка ситуација поради финансиската криза. Грчката влада е уверена дека ќе најде заеднички јазик со ЕУ бидејќи смета дека Европа не би си дозволила да ја фрли Грција во ендек бидејќи тоа би значело дека цела ЕУ ќе пропадне во амбис со неа.

Враќањето на старите мерки сè уште не е прифатливо за владата на Ципрас, што може да се види и од денешните изјави на министерот за финансии Јанис Варуфакис.

– Реформите во Грција беа успешни колку и враќањето на демократијата во Ирак – истакна Варуфакис на говор на Институтот за нова економска мисла во Париз.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...