Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска ги повтори ставовите на Атина дека спорот за името меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија мора да се реши пред малиот балкански сосед да се приклучи кон Европската Унија и кон НАТО, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, пред трилатералниот самит на лидерите на Грција, Србија и на Бугарија во Солун, Ципрас рече дека „одлуките на Европскиот совет и на самитот на НАТО велат дека спорот за името мора прво да се реши и тоа на заеднички прифатлив начин“.

Тој истакна дека министрите за надворешни работи на двете земји се во постојан контакт и дека шефот на грчката дипломатија ќе разговара со специјалниот претставник на ОН за спорот за името, Метју Нимиц.

Прашањето за безбедноста и за стабилноста на Западен Балкан ќе биде главна тема на трилатералната средба меѓу Ципрас, Вучиќ и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов. На средбата исто така ќе се разговара за железничката поврзаност на Солун со Бургас и со Белград, како и за енергетската соработка меѓу трите земји.