fbpx

Ципрас повторно во судир со своите пратеници пред гласањето за новиот договор

-

Во клима на бројни пречки и на бунтувања од редовите на СИРИЗА и најавени граѓански протести, премиерот Алексис Ципрас го поднесе новиот тригодишен договор со кредиторите пред грчкото собрание со оптимизам дека до петок наутро договорот ќе добие зелено светло од грчките пратеници.

Договорот за новиот кредит, кој ќе донесе повторно стегање на финансискиот режим во државата, се очекува да го поддржат трите големи опозициски партии Река, Нова демократија и ПАСОК, но не и целиот пратенички состав на СИРИЗА. Грчката влада очекува договорот да се изгласа што побргу за да може да се исплати непречено првата рата од новиот кредит, а со тоа Грција да може да ги покрие своите финансиски долгови на домашен и на меѓународен план.

Грчките пратеници во четврток ќе треба да се одлучат за новиот пакет со кредит од 85 милијарди евра, во кој се вклопени голем број мерки, како измена на ДДВ за островите, реформи во пензискиот систем и во јавната администрација, либерализирање на пазарот на работа за одредени професии, менување за начинот на наплата на долгови кон државата, зголемување на даноците за бизнисот и за поморскиот сектор, укинување на даночните поволности за компаниите за игри на среќа и за земјоделците, зголемување на даноците за упис на приватните факултети, нов систем за справување со даночните затајувачи, либерализирање на енергетскиот пазар.

Првата пречка на патот на Ципрас до изгласувањето на договорот ја постави претседателката на Собранието, Зои Константопулу, која го одложува почетокот на собраниската расправа за договорот до доцна попладне в четврток, поради што се очекува гласањето од полноќ в четврток да се одложи до раните утрински часови в петок, слично како и со претходните две гласања за мерките за договорот. Втората јасна пречка е позицијата на радикалното лево крило на СИРИЗА, предводено до поранешниот министер за енергетика, Панајотис Лафазанис, кој јасно истакна дека нема да го поддржат договорот бидејќи ваквиот меморандум не ѝ прилега на една влада на СИРИЗА и ќе доведе до нови катастрофални последици во грчката економија.

Дали покрај позицијата на Лафазанис и на левото крило ќе има и други неочекувани загуби од левичарските пратеници за Ципрас засега не е јасно, но самата позиција на левото крило покажува јасно дека раздорот што постои во партијата продолжува да се продлабочува и СИРИЗА оди кон постепено расцепкување и потреба за драстични промени. Со други зборови, ова гласање ќе биде нов тест за владејачката партија и за нејзината внатрешна стабилност.

Паралелно со битката на левичарските пратеници во собранието, пред него, борба за да не поминат новите мерки и новото финансиско оптоварување за народот, ќе водат и работничките синдикати АДЕДИ и синдикатот на Комунистичката партија ПАМЕ. Синдикалците кои повикуваат на масовни протести и на собир пред собранието бараат да не помине новиот пакет мерки и владата наместо да ги задоволи барањата на кредиторите, да се погрижи да се заштитат работничките услови, платите и пензиите, да се бори за отворање нови работни места и за намалување на невработеноста, кратење на долгот и за заштита на државното земјиште и на компаниите од приватизација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...