fbpx

Ципрас подготвен за избори, Самарас со ново предупредување пред третиот круг

-

Опозициската СИРИЗА е задоволна од денешниот исход од гласањето. Со голема насмевка, Алексис Ципрас, лидерот на левичарската партија, која е најпопуларна политичка опција кај народот, изјави дека во 2015 година Грција конечно ќе заврти нова страница во својата историја.

– Ниту парламентот ниту народот ќе му даде бланко чек на Самарас да продолжи со пакетот мерки за штедење – истакна Ципрас.

Тој подвлече дека народот е изморен од мерките кои намалуваат плати и пензии, кои ограничуваат лекови за народот и за пациентите.

– Во новата година ќе завртиме страница, ќе имаме јасна волја и доверба од народот за вистински преговори за државата и ќе успееме во тоа – истакна Ципрас. Од неговата реторика е јасно дека е веќе подготвен за избори и почнува сè појасно да се гледа себеси како иден премиер.

Премиерот Андонис Самарас, иако покажа умерено задоволство за резултатот од ова гласање, во изјавата по гласањето повторно упати апел секој пратеник добро да размисли дали е спремен да ја втурне земјата во нови перипетии и во опасности.

– И покрај нашите разлики и заплашувањето и навредите од Ципрас и од Панос Каменос, и други пратеници гласаа за Димас. Се надевам на третото гласање да избегнеме државна опасност, државни перипетии – истакна Самарас.

Тој неколкупати јасно посочи дека на следното гласање негативните гласови нема да се само тоа, туку ќе се одговорност од секој пратеник за иднината на државата.

– На следното гласање нема да има „против“. Ќе има име и презиме. Секој пратеник ќе треба да ги земе предвид агонијата на грчките граѓани и интересот на државата. Секој ќе преземе одговорност, одговорност за нивниот глас, за последиците врз државата, врз стабилноста и врз иднината на Грција – истакна Самарас.

Начинот на кој Самарас се обрати по гласањето, се оценува како јасен обид предизборно да ја префрли целата одговорност за потенцијалниот нов политички хаос во кој ќе влезе државата врз опозициската СИРИЗА и да почне да собира гласови за предвремените парламентарни избори. Изјавите се јасен сигнал дека повторно ќе игра на картата дека поддржувачите на Димас се поддржувачи на европската прогресивна иднина на Грција, додека оние што остануваат на страна на СИРИЗА се обидуваат да ја втурнат земјата во амбис и да ги поништат досегашните резултати.

Демократска левица и Независни Грци по гласањето истакнаа дека е време државата да се ослободи од стегите на сегашната влада и од нејзината неконструктивна политика.

Првичните оценки од политичките аналитичари во државата се дека бројот на гласови и климата што влијае покажуваат дека Грција е сè поблиску до распишување предвремени избори во јануари.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...