fbpx

Ципрас поради Македонија не отиде на состанокот за борба против ИД

-

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, поради Македонија, одби да присуствува на Генералното собрание на ОН, на клучен состанок за борбата против ИД. Ниту Ципрас, ниту шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, не се појавија на состанокот за борба против насилниот тероризам, организиран од американскиот претседател Барак Обама, бидејќи Македонија на него учествуваше под уставното име.

Извори од кабинетот на грчкиот премиер истакнаа дека Ципрас не присуствуваше на овој клучен состанок од две причини: едната – бидејќи наместо под акронимот БЈРМ нашата држава беше претставена под името Република Македонија и другата – зашто, според Атина, Ципрас немал право на коментар на самиот состанок, односно немало да биде во можност воопшто да ги изнесе своите ставови и впечатоци за идните планови за справување со ИД.

„Нема да учествуваме бидејќи Скопје ќе учествува како „Република Македонија“ и бидејќи не е предвидено да ни се даде збор да ги изразиме грчките ставови за темата што ќе се дискутира“, изјавиле владини извори.

Иако Ципрас отсуствуваше од состанокот, еден ден по неговиот кус неформален разговор со Груевски, македонскиот премиер имаше можност да поразговара и со шефот на грчката дипломатија Коѕиас. Коѕиас по средбата објави заедничка фотографија со Груевски на „Твитер“, но ниту тој, ниту грчкото Министерство за надворешни работи известија што било дискутирано на оваа средба.

Спорот за името бил една од темите на разговор меѓу грчкиот премиер и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун. Според весникот „Катимерини“, двајцата политичари разговарале за можноста за решавање на спорот за името, проблемот со бегалската криза и за предизвиците со кои се соочува Грција поради ова, како и за напредокот на преговорите за Кипар.

Избегнувањето на состанокот на Генералното собрание дојде откако грчкиот весник „То вима“ вчера изутрината упати апел дека грчката влада треба да биде загрижена и да реагира што Македонија ќе биде претставена под уставно име и покрај грчките реакции. Овој чекор од американска страна во Атина беше протолкуван како непочитување на грчките позиции и притисок за решавање на спорот за името. Овој случај создава загриженост во Атина дека се поткопуваат нејзините позиции и се губат поени и можности да се слушне гласот на Грција за клучни прашања поради спорот за името. Дел од грчките новинари го покренаа прашањето дали навистина вредело да се дозволи спорот за името да ја исклучи Грција од толку важен состанок во овој период.

Чинот, исто така, создава загриженост во која насока ќе се движат грчко-американските врски доколку Америка притиска Атина да се откаже од нејзините црвени линии околу спорот за името.

Ова е вторпат Грција да отсуствува од важен геополитички состанок поради тоа што Македонија учествува на истиот под уставното име. Минатиот декември тогашниот вицепремиер и шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос, го пропушти министерскиот состанок на НАТО за мерките во борба против ИД бидејќи нашата држава не беше запишана како БЈРМ. За овој случај Венизелос реагираше директно до американскиот државен секретар Џон Кери, посочувајќи дека САД не ги почитуваат правилата и одлуките на ОН.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...