fbpx

Ципрас не ги повлекува одлуката за референдум и барањето за гласно народно „не“

-

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги демантираше сите гласини за укинување на референдумот. Во обраќање до народот, кусо пред почетокот на новиот состанок на Еврогрупата, и во облак од шпекулации дека владата размислува да ја повлече идејата за референдум, тој најави дека референдумот ќе се одржи и Грција останува посветена на обидот за постигнување договор со европските институции со подобри услови за грчкиот народ и за одржливост на долгот.

Доколку грчката влада види зелено светло од европските кредитори, веднаш ќе реагира и ќе одговори за да се најде одржливо решение, нагласи грчкиот премиер.

– Грчката влада останува на преговарачката маса, ќе биде дел од преговорите до крај, ќе биде таму и в понеделник, по референдумот, со подобри услови за договор – истакна Ципрас, кој доцна вчера испрати нов предлог до европските кредитори.

Во обид да ја смири паниката и паничното празнење на банките, тој испрати директно уверување до граѓаните дека нема да пропаднат ниту платите и пензиите, ниту ќе пропаднат депозитите и заштедите на граѓаните во банките.

– Нема да се изгубат ниту платите, нема да се изгубат пензиите, нема да пропаднат заштедите на тие што не ги префрлија своите пари во странство. Преземам одговорност да најдам итно решение веднаш по завршувањето на референдумот – истакна Ципрас.

Иако владата испрати нови предлози до европските институции и до ММФ и прифати дел од нивните предлози, Ципас во обраќањето до народот ја задржа острата реторика и бројните критики до европските партнери, обвинувајќи ги дека со неодобрувањето на продолжувањето на финансиската програма до завршувањето на референдумот, кое доведе до затворање на банките, само се обидува да го заплаши грчкиот народ, кршејќи ги основните демократски традиции и принципи на ЕУ. Забележа дека демократскиот избор е во јадрото на европските традиции и низ годините голем број одлуки се донесени преку референдуми, поради што за него е разочарувачки што ЕУ не сака да дозволи Грција на демократски начин да донесе одлука за нејзината иднина.

– Неприфатливо е во Европа, унијата на солидарноста и на заемното почитување, да имаме срамни слики како затворени банки затоа што владата одлучила да распише референдум – забележа Ципрас.

Тој уште еднаш отворено побара од народот да ја поддржи владата и да гласа против предлозите на европските институции на референдумот. Гласното „не“, според Ципрас, ќе го зајакне обидот на владата за договор со подобри услови, ќе прати силна порака против рецептите на рецесивните меморандуми за штедења, ќе помогне да се заврти светла, нова страница на демократијата и ќе донесе нова надеж за Грција.

– Имаме одговорност кон нашите предци и кон нашите деца, долг кон историјата – истакна Ципрас во апелот граѓаните да застанат на негова страна в недела.

Тој децидно демантираше дека сака да ја види Грција надвор од ЕУ, посочувајќи дека и самиот бил кандидат за претседател на Европската комисија. Неговата цел, целта на грчката влада, како што истакна, е само да се стави крај на нефер, недемократските и рецесивни меморандуми за штедење, кои во случајот на Грција се покажале како неуспешно фијаско.

– Некои инсистираат дека референдумот е за останување или не во еврозоната, велат дека имам таен план да ја извадам Грција од ЕУ. Тоа е лага – истакна Ципрас, додавјаќи дека со тие тврдења им прават лоша услуга и на народот и на ЕУ.

Со обраќањето Ципрас се обиде да испрати јасна порака дека сака демократска Европа, каде народите имаат право да се изјаснат за клучни прашања за нивната идина, а не тоталитаристичка Европа.

Играјќи на најемотивната карта во моментов, пензиите кои се заглавени во банките за пензионерите кои немаат платежни картички, Ципрас забележа дека се бори да се осигураат и да се одржат на добро ниво, а не да се намалат и од пензии и од основа за живот да станат само мал џепарлак, како што ЕУ барала од грчката влада.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...