Веќе 25 години соседите се признаени со името „Република Македонија“ од голем број земји, додека ние насекаде се бориме сите да ги нарекуваат ФИРОМ, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за „Етнос“.

Ципрас вели дека македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците и дека „не е апсурдно терминот Македонија да е вклучен во сложено име, со географска или временска одредница која ќе важи за сите, така што да биде јасно дека никој не бара територии или историја на други народи“.

Во однос на денешните демонстрации во Солун, грчкиот премиер објаснува дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, велејќи дека и тој е полу Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но, додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.

– Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме сите да ги нарекуваат ФИРОМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме – вели Ципрас.

Тој упатува порака дека Атина бара едно име кое ќе важи и за внатрешна и за билатерална и за употреба во ОН и вели дека по политичката промена во Македонија гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но додава дека останува тоа да се покаже во практика.

– Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ОН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името – вели Ципрас за „Етнос“.

Според него, спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина, главната тема е иредентизмот.

– Ако сакаме да најдеме одржливо решение треба да бараме име, но и една поширока рамка за договор што нема да остава простор за иредентизам и историски неточни барања. Треба и двете страни да му пристапиме на проблемот со реализам и мудрост. Не треба да оставиме никаков простор за конфронтации меѓу двата народа затоа што оние работи што ги обединуваат се повеќе од оние што ги разделуваат – додава Ципрас.

Грчкиот премиер е длабоко убеден дека решение што би било во национална корист би било изгласано со мнозинство пратеници и коментира дека Каменос нема да стане Самарас, со што индиректно порачува дека лидерот на Независни Грци нема да создаде проблеми во грчката влада.