fbpx

Ципрас: Мора да го одржиме во живот договорот ЕУ-Турција за бегалците

-

Европската Унија и Турција мора да ги исполнат заемните обврски за да продолжи имплементирањето на договорот за бегалците, апелираше грчкиот премиер, Алексис Ципрас, по завршувањето на самитот за бегалската криза во Виена.

Ципрас побара поголема солидарност и еднакво распределување на товарот и на одговорноста за бегалската криза кај сите европски држави, а не само кај земјите каде првично пристигнуваат бегалците. Тој истакна дека членките на ЕУ мора да разберат дека бегалската криза е европски и глобален проблем.

– Бегалскиот бран е намален од 5.000 на 100-150 луѓе дневно. Ова се случи благодарение на договорот за бегалците. Овој договор мора да го задржиме – истакна Ципрас.

Според грчкиот премиер, клучно во моментов е да продолжи да се исполнува договорот меѓу ЕУ и Турција со кој се ограничува бројот на бегалци што пристигнуваат во Грција, а со тоа и кон другите европски држави. За да се продолжи во оваа насока, тој апелираше ЕУ да ѝ помогне на Турција и финансиски и да го исполни ветувањето за визна либерализација за турските граѓани. Тој, исто така, побара да се забрза процесот за постигнување договор за реадмисија со државите од кои доаѓаат мигранти кои немаат потреба од меѓународна заштита, за да може да почнат да се враќаат од Турција во родните држави.

Ципрас од европските лидери побарал засилување на грчката служба за азил, која, според него, се справува со најголем товар и процесира околу 30 отсто од севкупните барања за азил во ЕУ. На овој начин, според него, побргу ќе може да се разгледуваат барањата за азил, да се одреди кои бегалци треба да се релоцираат, а кои да останат во Грција или да бидат вратени во Турција. Тој побара и зголемување на бројот на припадниците на Фронтекс во Грција за подобра контрола на границите кои, како што уште еднаш истакна, се заеднички европски граници.

Според Ципрас, нужно е да се забрза и процесот за релокација на бегалците низ државите на ЕУ. Како што посочи тој, од Грција се релоцирани само 4.000 бегалци, а 8.000 сè уште чекаат да бидат релоцирани иако процедурата е завршена.

Грчкиот премиер изрази незадоволство што дел од учесниците на виенскиот самит остануваат на ставот дека треба да се продолжи со затворањето на границите на ЕУ, став кој според него не е во согласност со начинот на кој меѓународната јавност ја гледа бегалската криза.

– Се слушна гласови и ставови дека ЕУ треба да гради огради и ѕидови. Сакам да потсетам дека договорот меѓу ЕУ и Турција е договор кој сака да го сузбие нелегалното криумчарење, а не бегалците. Тоа значи да се заменат илегалните со легални бегалски движења. Тоа значи дека Европската Унија кончено треба да разбере дека има одговорност да ја подели тежината и одговорноста и процесот на релокација да стане реалност – додаде Ципрас.

Тој предупреди и дека доколку ЕУ не ги исполни обврските и договорот со Турција за бегалците пропадне, неизбежен ќе биде пораст на национализмот, ксенофобијата и на бројот на ултрадесничарите, што ќе ја доведе Унијата до безизлезна ситуација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...