Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја одбил поканата на германската канцеларка Ангела Меркел да учестува на неформален состанок на европските лидери, кој треба да се одржи в недела во Берлин, пренесува весникот „Катимерини“.

Состанокот во Берлин се смета за подготовка за вонредниот самит на Европската Унија закажан за петок следната недела. Во Грција се поставува дилемата зошто Ципрас ја одбил оваа покана, иако грчкиот премиер в сабота го има традиционалниот премиерски говор на отворањето на меѓународниот саем во Солун, а в недела има веќе закажана прес-конференција со сите грчки новинари во втората грчка престолнина.

Иако програмата на Ципрас веќе подолго време е позната, грчките медиуми забележуваат дека е под знак прашалник зошто Грција ја одбила поканата на Меркел во момент кога државата се обидува да ги одржи и да ги подобри врските со Берлин и кога се работи за исклучително важен самит за иднината на Унијата.

Грчкиот премиер од утре до крајот на оваа недела има агенда на постојани меѓународни и домашни состаноци. Утре во Атина ќе се одржи Самитот на медитеранските држави од ЕУ, грчка иницијатива за зајакнување на соработката на државите од Медитеранот, особено околу клучното прашање како бегалската криза.

Ципрас утре ќе им биде домаќин на францускиот претседател Франсоа Оланд, кипарскиот претседател Никос Анастасијадис, италијанскиот премиер Матео Ренци, португалскиот премиер Антонио Коста, премиерот на Малта, Џозеф Мускат, и на висок претставник на шпанската влада.

Состанокот ќе се фокусира на неколку теми како надворешната политика и регионалната безбедност, развојот и намалувањето на невработеноста и европската политика за бегалската криза, за формирање единствена заедничка стратегија на медитеранските држави членки на ЕУ.

По состанокот во Атина, Ципрас заминува за Солун за годишното обраќање на отворањето на меѓународниот саем на кое вообичаено се поставуваат целите на грчката влада за следната година.