Грчката изборна кампања влегува во финиш. За грчките политички лидери ова се последните седум дена да се обидат да ги придобијат неопределените гласачи или, пак, да преземат гласачи кои обично гласаат за ривалската партија. Алексис Ципрас, лидерот на СИРИЗА, и првиот човек на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, со своите политички рејтинзи се рамо до рамо и оваа недела имаат последна шанса да се обидат да ја зголемат минималната разлика меѓу левицата и десницата, на која укажуваат сите анкети на јавното мислење.
Анкетите покажуваат дека на седум дена пред изборите не постои политички фаворит и невозможно е да се предвиди која партија ќе може да формира влада на 21 септември. Според анкетата што ја објави неделното издание на весникот „Вима“, СИРИЗА има поддршка од 26,7 отсто, а за Нова демократија би гласале 26,2 отсто, со што се покажува постојано намалување на разликата меѓу левицата и десницата.
Според неделното издание на весникот „Авги“, за кој постои впечаток дека ја поддржува СИРИЗА, левицата и десницата се израмнети. СИРИЗА и Нова демократија, според анкетата за овој весник, имаат поддршка од 31 отсто, додека, пак, на трето место е коалицијата меѓу ПАСОК и Демократска левица со 8 отсто. Зад нив се Златна зора со 7 отсто поддршка, Комунистичката партија со 6,5 отсто поддршка, Река со 4,5 отсто, Народно единство со 4 отсто, додека Независни Грци, според анкетите, не изгледа дека ќе влезе во парламентот.
Меѓутоа, под знак прашалник е колку може и да им се верува на анкетите ако се земе предвид дека имаше драстична разлика меѓу прогнозите од анкетите за јануарските избори и за референдумот и конечните резултати.
Сите бројки и јавното мислење укажуваат на тоа дека и новата влада, под услов некоја од политичките опции да успее да ја формира идната недела, ќе биде коалициска влада која ќе мора да го понесе товарот од новиот договор меѓу Атина и Брисел за мерките за штедење и за новиот кредит. Со други зборови, владата нема да има друг избор освен да ги спроведе договорените реформи и мерки за да се одржи финансиската гаранција за дополнително разнишаната и задолжена Грција, товар кој ретко кој сака да го преземе самостојно, имајќи го предвид граѓанското незадоволство од најавениот нов бран поскапувања и отпуштања.
Ципрас и Меимаракис ќе ги одмерат силите пред народот на вечерашниот телевизиски дуел на државната телевизија ЕРТ. Двајцата лидери ќе одговараат на прашањата на шест новинари од приватните телевизии, а ќе имаат можност и за меѓусебни прашања и за дебата. Ќе се разговара за теми од внатрешната, но и од надворешната политика, односите со ЕУ и актуелната криза со бегалците и со мигрантите во Грција и во ЕУ.
Предизборната битка овие неколку недели се води само на внатрешен фронт, со меѓусебни напади за грешките на Нова демократија и на СИРИЗА. Надворешната политика и прашањата како спорот за името или проблемите со Турција не беа воопшто дел од оваа предизборна агенда, што покажува дека партиите и интересот на народот остануваат насочени само кон политичката и економската криза. Прашањето што ќе си го постават граѓаните в недела е дали да ѝ се даде втора шанса на СИРИЗА, која и понатаму тврди дека ќе задржи строг став кон кредиторите, или, пак, да се вратат кон двете партии кои владееја со Грција цели три децении, Нова демократија и ПАСОК. Факт е дека со третиот меморандум, сите три партии се ставени на исто рамниште и народот го изгуби оној „Робин Худ“ што го гледаше во Ципрас, а кој се надеваа дека ќе успее да ѝ пркоси на ЕУ и да донесе подобри услови за живот во Грција.
Нова демократија игра на картата дека в недела дилемата е нова перипетија или нова страница за стабилно закрепнување на Грција и враќање на нејзиниот кредибилитет и гаранција за европската перспектива. Во интервју за весникот „Етнос“, Меимаракис бара грчкиот народ да им даде поддршка за да се формира влада за национален спас, која ќе ја гарантира политичката стабилност на Грција за државата да може да напредне економски. Лидерот на десницата игра стратешки на картата понудена рака кон СИРИЗА, понуда која левичарите децидно ја одбиваат. Ципрас во интервју за ЕРТ истакна дека коалиција на СИРИЗА и на Нова демократија би била неприродна коалициска влада, со што става крај на предлозите за соработка со Меимаракис. Поранешниот премиер забележа дека веднаш по изборите, доколку СИРИЗА нема апсолутно мнозинство, ќе успее во рок од три дена да формира влада. Според него, ниту една од партиите нема да дозволи државата да остане без влада.
„Знаеме дека партијата што ќе победи ќе формира влада. Никој нема да си дозволи да ја доведе државата пак до избори, ќе ја почитуваме желбата на народот“, истакна Ципрас.