fbpx

Ципрас го одби новиот предлог на Јункер

-

Алексис Ципрас не размислува да се врати чекор назад. Грчкиот премиер уверено чекори кон одлуката за референдум в недела, со голем оптимизам и со надеж дека народот ќе му изрази поддршка и ќе му даде уште посилен мандат да бара пофер договор за Грција од меѓународните кредитори. Грчката влада доцна ноќеска доби нова порака и нов предлог за грчкиот договор од првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој беше експресно одбиен.

Во предлогот, Јункер барал од Ципрас да го поттикне народот да гласа „за“ мерките на референдумот, уверувајќи го дека европските институции ќе прифатат промена на нивниот предлог и повикувајќи го да побара вонреден состанок на Еврогрупата. Одбивањето на предлогот дојде во форма на информација од владини извори, кои истакнаа дека Ципрас в недела јасно ќе гласа против мерките на институциите.
Ципрас вчера испрати директна и јасна порака до граѓаните дека не планира да се потчини на волјата и на барањата на европските кредитори.

– Ако граѓаните сакаат понижен премиер, нека изберат таков. Јас не сум таков – истакна Ципрас во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Тој се обиде да испрати порака за охрабрување на народот и силен апел да не се потклекне пред стравот и пред заканите за банкрот и за излез од еврозоната. Истакна дека лично не верува дека Грција би била исклучена од еврозоната бидејќи ЕУ за тоа ќе плати прескапа цена.

– Не верувам дека сакаат да нè исклучат од еврото и нема да го направат тоа – истакна Ципрас.

Тој забележа дека грчкиот народ мора да го надмине стравот кој се креира овие денови и да упати силна порака за достоинство и за сувереност в недела. Истакна дека банките може да банкротираат, но не и народите. Според него, грчкиот народ има поминато и низ полоши моменти во историјата и ќе успее да го надмине и овој момент.

Ципрас забележа дека едно силно „не“ од референдумот ќе ѝ даде муниција на грчката влада за уште посилно да се впушти во нови преговори и да бара одржлив договор за Грција. Доколку, пак, граѓаните в недела одлучат да ги поддржат мерките на кредиторите, тој индиректно најави дека Грција ќе се најде пред нови избори бидејќи не го поддржува овој предлог.

– Јас не сум премиер засекогаш – истакна карактеристично Ципрас, алудирајќи на овој начин дека нема по секоја цена да се држи до премиерското столче ако тоа значи погазување на ставовите на СИРИЗА.

Владата денеска треба да исплати нова рата, односно 1,6 милијарди евра до ММФ. Бидејќи ММФ нема да ги добие парите, ќе се очекува чекор од шефицата на ММФ, Кристин Лагард, која ќе треба да го свика советот на ММФ и да одлучи дали ќе се даде продолжување на рокот за Грција и колку ќе се чека пред да се прогласи банкрот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Гласачки ливчиња се фотографирале и во Штип и Сопот

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти за нови случаи во кои се фотографирале гласачки ливчиња во текот на денешното гласање. Во 14 часот било пријавено дека на избирачко место во...