На една од најпознатите страници на „Фејсбук“ во Албанија, позната како „Лолита“, неодамна се појави објава во која се наведува дека неколку претходни објави, поврзани со државници и со бизнисмени, биле отстранети од „Фејсбук“, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

ФБ-страницата „Лолита“ е отворена од тројца млади студенти кои засега сакаат да останат анонимни, а на неа се наоѓаат содржини со кои се осудува албанската владина пропаганда. Страницата засега има повеќе од 128.000 следбеници.

„Се чувствуваме како и вие, нашата земја, нашата татковина врши пропаганда и се обидува да ни ги испере мозоците, додека тие нè крадат. Поради тоа објавуваме војна против сите личности и институции што го кршат законот“, стои во објавата на „Лолита“ и се додава дека владата на Албанија се обидува да го подели народот за да може подобро да владее.

Авторите на страницата тврдат дека јавната администрација во Албанија добива наредби да ги пријавува нивните објави до „Фејсбук“. Во своја неодамнешна објава, „Лолита“ им се заблагодарува на своите поддржувачи за покажаната солидарност и истакна оти благодарение на тоа авторите на ФБ-страницата веќе не се плашат од заканите.

„Лолита“ има создадено резервна варијанта на страницата, доколку „Фејсбук“ одлучи да им ја укине поради големиот број негативни пријави.

Порталот „Хаштаг Албанија“, кој е еден од најпосетуваните во таа земја, за жал немаше среќа како „Лолита“, па веќе неколку дена е блокиран. Како што јавува дописникот на „Мета“, зад блокирањето на порталот стои италијанскиот новинар Карло Болино, кој исто така е сопственик на медиумот „Шќиптарја“ (shqiptarja.com).
Болино, наводно, поднел жалба до американската компанија што го одржува порталот „Хаштаг Албанија“ зашто страницата објавила негови фотографии без лиценца, но и лажни обвинувања против него.
Од „Хаштаг Албанија“ соопштија дека фотографиите од Болино се објавени со дозвола од тие што го фотографирале и оти обвинувањата на Болино не се издржани. Во однос на обвинувањата за објавување лажни информации на Болино, од „Хаштаг Албанија“ појаснуваат дека станувало збор за сатирични текстови.