fbpx

Цементарница УСЈЕ: Ако не работат филтрите, процесот на работа во фабриката застанува

-

Цементарница УСЈЕ денеска ги отвори вратите за сите заинтересирани граѓани, организации и институции за да се запознаат со работата на компанијата и да добијат одговори на прашањата за загадувањето.

Главниот извршен директор Борис Хрисафов најдоговорно тврди дека Цементарница УСЈЕ во целост работи според сите законски прописи и ги почитува регулативите кои се пропишани од македонското, па и европското законодавство. Тој уверува дека тие не се компанија која работи ноќе, а дење гаси, бидејќи тоа скапо ќе ги чини, и не се компанија која нема филтри.

„Потенцирам дека без работење на филтрите, процесот застанува. Не е можно процесот да тече, ако нашите филтри не се во функција. Станува збор за најсовремени филтри кои овозможуваат да имаме ниски емисии на прашина и на азотни оксиди“, вели Хрисафов.

Тој додаде дека иако Цементарница УСЈЕ многу често на фејсбук-страниците е посочувана како компанија која допринесува во загадувањето, во многу погледи се далеку под нормите кои се пропишани со законот.

kvalitet

„Емисиите во воздухот се контролирани преку 24-часовен мониторинг, независен систем кој не е контролиран од нас воопшто. Повремено ангажираме и други акредитирани компании, уште еднаш паралелно независно да вршат мерење. Резултатите ги објавуваме на нашата веб-страница и ги испраќаме до Министерството за животна средина и просторно планирање согласно со нашата еколошка дозвола, еднаш месечно. Донесовме одлука, во овој период кога загриженоста на граѓаните е многу поголема, тоа да го правиме и на неделно ниво и во секое време на барање на граѓаните“, додаде Хрисафов.

За чадот од оџаците кој е видлив со голо око, и од кој, најчесто има објавувани фотографии директорот вели дека е водена пареа, односно чиста кондензација.

„Ако малку добро го погледнете оџакот и се сконцентрирате ќе видите дека во првиот метар нема ништо, а потоа тоа кондензира и се претвора во водена пареа. Кога е сончево време и на лето тоа го нема, а ние тогаш работиме со два пати поголем капацитет од зимскиот период“, вели Хрисафов.

На новинарско прашање за загревање на печките, тој рече дека тие се палат на мазут, но ќе преминат на природен гас, а главно гориво е јагленот. Но се тоа поминува низ филтрите.

систем1

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, рече дека иако пред осум дена Државниот инспекторат за животна средина имал контрола во компанијата, тие денеска го искористиле отворениот ден да дојдат, со цел како што рече, да придинесат во транспарентната борба која ја водат со добивање на реални податоци што се случува со загадувањето и кои се причинителите.

– Овде сме за разбивање на некои стереотипи, да ги потсмириме граѓаните, но од друга страна да не престанеме со нашите активности во справување со изворите на загадувањето. Започнува иницијатива на партнерски однос помеѓу владата и бизнис-заедницата. Очекувам компаниите да се придружат во заедничката акција на спроведување на Планот за чист воздух и веќе имаме неколку најави на компании кои ќе се придружат. Тоа е пред се во делот, нееколошките извори на затоплување во градинките, основните училишта, здравствените домови да ги замениме со извори на загревање кои се еколошки. Очекувам и другите компании да го следат примерот на Цементарница Усје и да направат отворени денови, бидејќи само на тој начин со зголемена комуникација и транспарентност ќе можеме да ги лоцираме вистински извори на загадување и полесно да се справиме со нив“, рече Макрадули.

Од Цементарница Усје додават дека тие остануваат отворени за посета за сите заинтересирани страни, во кое било време. Денеска немаше претставници на ниту една од невладините организации, граѓанските активисти или кој било заинтересиран граѓанин.

Инаку на барање на граѓаните, Инспекторатот на Град Скопје поднесе барање да биде извршен инспекциски надзор во компанијата согласно надлежностите на Државниот инспекторат за животна средина. Заклучокот од ДИЖС е дека не постои поврзаност помеѓу концентрација на ПМ10 честички и емисии на Цементраница УСЈЕ.

За заштита на животната средина, компанијата лани вложила еден милион евра, а од 1998 година 40 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...