Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска одржала средба во Куманово со стечајните работници, на која се дискутирало за решенијата за нивниот статус. Тие би требало да станат дел од pредлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, познат како Закон за стечајци.

Како што информираше министерството, се разговарало за што поголем опфат на стечајците во мерките за решавање на нивниот статус. Притоа, остануваат основните позиции договорени на претходната средба со нивните претставници: 15 години стаж, 52 години возраст за жени, а 55 за мажи.

„Единствено се јавува проблем кај опфатот на тие лица што во одреден период од нивниот живот имале работа во приватни компании. Треба да се утврди дали и колкав период од стажот поминат кај приватни фирми би бил вклучен во овој закон. Министерката Царовска изјави дека заедно со Министерството за финансии ќе направат проценки, ќе се информира Владата и ќе се донесе конечен став за ова прашање“, се вели во соопштението.

На средбата присуствувал и Бранимир Јовановиќ од Министерството за финансии, кој информирал дека во ребалансот на буџетот се предвидува да почне исплата на средства за стечајците во текот на 2017 година.