Троската од велешката топилница се анализира за радиоактивност и токсичност во Грција

Фото: Мета.мк

Примероци од црниот рид со згура од Топилницата во Велес се испратени на анализа во Грција заради обезбедување на последната дозвола пред да започне транспортот на суровината. Грчките власти ќе испитуваат радиоактивност и токсичност на троската пред да обезбедат МСДС (Material Safety Data Sheet), документ за квалитет на стоката при меѓународен превоз. Троската, до крајните дестинации ќе патува преку пристаништето во Солун, а анализите ги побарала пристанишната управа за да дозволат истовар на стоката на пристаништето.

Од компанијата „Кепс Монт Груп“, која доби дозвола да ја извезе троската и да ја продаде како техногена минерална суровина, велат дека згурата не може да патува без да ја добие МСДС дозволата од Грција, заради што во изминатиот период ја испратиле потребната документација и примероци од троската за анализа на радиоактивност и токсичност.

„Бидејќи протоколот е овие активности да ги врши производителот, поточно Топилницата, која веќе не постои, моравме претходно да подготвиме документација за да може ‘Кепс Монт Груп’ да настапува како сопственик на суровината. Примероците за анализите во лабораторија во Грција се испратени пред петнасетина дена и се очекува до следната недела да стигнат и резултатите“, велат од „Кепс Монт“.

Компанијата овој тип анализи на згурата веќе неколкупати го направила во повеќе лаборатории во Холандија, во Турција и во Србија, а анализи правеше и професорот Трајче Стафилов во лабораториите на Природно-математичкиот факултет, кои покажуваат дека суровината е безбедна и ќе може да биде извезена. Сепак, протоколите наложуваат истите да се направат и во Грција, пред да се издаде финалната дозвола за транспорт на троската. Посочуваат дека на анализа морале да бидат пратени примероци и од ситна троска и од поголеми парчиња суровина, кои во минатото не биле ниту топени во Топилницата, туку само фрлени на депонијата, бидејќи ќе бидат различно класифицирани во транспортот.

„Не очекуваме поинакви резултати од оние што веќе ги имаме потврдено во повеќе лаборатории. На грчките власти неколкупати им предаваме документација и примероци кои ги бараа и очекуваме да ги добиеме резултатите. Со оглед на ситуацијата со пандемијата на ковид-19, моравме примопредавањето да го правиме на граница, бидејќи не можеме да патуваме во Солун“, велат во „Кепс Монт Груп“.

Депонијата на Топилница содржи околу 1,8 милиони тони отпад кој неколку децении стои во Велес. Се работи за историска жешка точка, која е голема опасност за здравјето на жителите на градот и за животната околина. Во згурата има тешки метали, околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум, кои сè уште имаат вредност и можат да се искористат како суровини. Досега, само стотина тони од црниот рид згура, како пробни количини, беа транспортирани во Малезија, на почетокот на годината, откако компанијата доби Б-интегрирана дозвола за работа од Општина Велес.