Директорката на Универзитетскиот клинички центар во Војводина Весна Туркулов изјави дека состојбата на тројцата повредени при уривањето на бетонската настрешница на зградата на Железничката станица во Нови Сад е сè уште многу сериозна.
„Сите тројца се живи, тоа е најважно. Состојбата за нијанса е постабилна, но далеку од стабилна. Сите дијагностики се во тек, интервенциите се во тек, се според нашите процедури. Сите се уште се во животна опасност и сите се во тешка состојба“, изјави Туркулов.
Таа рече дека сите повредени се уште се на апарати за вештачко дишење и објасни дека таква е процедурата бидејќи се работи за сериозни повреди, пренесе РТС.
„Дијагностиката продолжува секој ден и соодветно, доколку има потреба, ќе има дополнителни интервенции“, рече Туркулов.
И орвиот човек на српското МВР, Ивица Дачиќ, нагласи дека во моментот на уривање на натстрешницата на Железничката станица под неа биле 17 луѓе, од кои само тројца преживеале, но оти нивната состојба и натаму е многу сериозна. Станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 18 до 25 години.
„На еден од нив, момче родено 2006 година, му беа ампутирани нозете до глуждовите, на девојка родена 2000 или 2001 година ѝ беа ампутирани нозете, а на втората девојка ѝ е ампутирана раката во Ургентниот центар“, вели Дачиќ во изјавата за РТС.
Српскиот министер за внатрешни работи додаде дека во врска со несреќата досега се сослушани 26 лица, меѓу кои петмина вработени во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура заедно со ресорниот министер Горан Весиќ. Засега нема приведени, зашто, како што додаде Дачиќ, односно само се прибираат информации.
Тој додаде дека по наредба на обвинителството денеска ќе бидат сослушани уште пет лица.
Во несреќата во Нови Сад загинаа 14 луѓе, меѓу кои и 45-годишен македонски државјанин. Меѓу загинатите се и четири малолетни лица. Најмладата жртва имала 6 години. Загинаа и тројца 20-годишници.